Соња Арсовска претседателка на Иницијативниот одбор за протест на пензионерите од Штип вели, за нив, оваа зима теглите ќе останат празни, но во владиното бифе појадок, ручек и вечера се добива за 250 денари.
„Ова ли е едно општество за сите кога во рацете држиме празни тегли? А зошто? Затоа што со покачувањето од 5,3 отсто на пензиите не можевме да направиме зимница. Госпоѓо Тренчевска по допрен глас слушаме дека ќе имаме зимска помош. Можеби, се однесува на некое новогодишно пакетче кое ќе содржи шал, ракавици и капичка. Ние сме децидни, ви бараме линеарно зголемување од 5.000 денари и минимална пензија од 18.000 денари“, вели Арсовска.
На денешниот протест побараа оставка и од претседателката на Здружението на пензионери, а посочија дека со барањата нема да запрат, туку протестите ќе ги радикализираат со блокирање улици и патишта.
Пензионерите од цела држава на 7 ноември ќе одржат генерален протест во Скопје, на пет различни локации, вклучувајќи и пред странските амбасади.
На следниот состанок на иницијативните одбори во Свети Николе, ќе се одлучува по градови, кои пензионери каде ќе протестираат.