недела, 17 ноември 2024
Средба на премиерот со германскиот канцелар

Шолц ја реафирмира германската поддршка и силно нѐ охрабри, вели Ковачевски

Од германскиот канцелар Олаф Шолц и од СР Германија  Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка за реализација на следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ – носењето на значајните одлуки кои ги имаме пред нас, соопшти премиерот Димитар Ковачевски информирајќи за средбата одржана синоќа по завршувањето на Самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Тирана.

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот вели дека на средбата се разговарало за европската перспектива на Македонија, како и за состојбите во регионот.

Ковачевски нагласува дека напорите на Владата за продолжување на евроинтеграцискиот процес биле поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување. Било нагласено дека е исклучително важно Македонија да го продолжи европскиот пат и земјата да постигне консензус за стратегиските прашања кои се од интерес на граѓаните.

Премиерот Ковачевски истакнал дека не смее да се пропушти „оваа неповторлива шанса која ја имаме, и треба да го дадеме нашиот глас за Европа“ и потенцирал дека на Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека „гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина“.

Соговорниците се согласиле дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион.

„Пристапувањето и крајно, членството во ЕУ значат економски и општествен развој, социјална правда, врвна демократија, функционално владеење на правото, како и севкупно подобрен животен стандард“, се нагласува во сооптението.

„Премиерот Ковачевски изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Лидерите разговараа и за конкретните придобивки од Берлинскиот процес преку кој ќе се продолжи и со подигнување на нивото на политичка соработка, што за Северна Македонија и регионот претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите“, се додава во соопштението за средбата на премиерот со германскиот канцелар на која присуствувал и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ