Амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп вчера без дипломатски ракавици упати директни и остри критики кон македонските власти, сегашни и минати, при што особено силно оддекнаа во „ушите“ неговите зборови:
„Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската Унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници“?
Малинка Ристевска Јорднаова, која е експерт за прашањата на евроинтеграциите и на внатрешните односи во ЕУ, и уште во деведесетите години беше ангажирана во процесот на интеграција во Унијата, ја прашавме за коментар за содржината на обраќањето на амбасадорот Рот и неговите директни критики и тоа не само кон актуелните политички чинители, според кои, за забавениот интеграциски пат на Македонија вината треба да се бара внатре во државата, а не во ЕУ.
„По толку години во овој процес, воопшто не треба да нѐ изненадува оваа ‘шлаканица’. Груба е, но и тоа е очекувано имајќи предвид дека ја ‘залепил’ претставник на држава која го става владеењето на правото на преден план и во внатрешните политики на Унијата, а дала и многу средства за македонските реформи во оваа област.“
Мене ми останува само да го повторам она што повеќепати сум го кажала и напишала: дека ќе се истроши маневарскиот простор за поигрување со реформите и дека лошата политика ќе нѐдоведе во ситауција ‘дупло голо’ – и билатерализација на пристапниот процес и стрмоглавување во реформите. И дека тоа, во логиката на членките на ЕУ – ‘вие сте тие што барате членство’, ќе биде наша одговорност. И дека ние треба да ги осмислуваме и спроведуваме евроинтегративниот пат, со помош на партнерите од ЕУ, а не да очекуваме дека тие ќе ни ја завршат работата. Дека ние треба да бараме одговорна власт за нашите граѓани, не за ЕУ. Ако не го можеме тоа, зошто некој би нѐ сметал за веродостоен кандидат, за потенцијална еднаква идна членка?“, вели Ристевска Јорданова.
На нашето прашање, дали сепак, одговорност за застојот на македонската евроинтеграција има и во самата ЕУ и кај нејзини членки, таа вели:
„Да, има одговорност на ЕУ за неуспехот на македонската евроинтеграција. Тоа е, пред сѐ, во политичката поддршка за процесите и субјектите да се исполнат услови кои немаат врска со владеењето на правото, ниту други вредности и стандарди на ЕУ, без оглед дали тие процеси и субјекти суштествено го нарушуваат владеењето на правото. А таквите услови беа постојан дел од процесот“.
Потсетувајќи нѐ во погорниот одговор дека Македонија ќе се доведе во ситуација на „дупло голо“ – и билатерализација на пристапниот процес и стрмоглавување во реформите и дека тоа ќе биде наша одговорност зашто ние сме тие што бараме да се приклучиме кон ЕУ, всушност Малинка Ристевска Јорданова потсетува дека не за лрв пат предупредува и дека уште кон крајот на минатата година со нејзината колумна со наслов „Дупло голо“, укажа на многу погрешни политики.
Нејзината констатацијата изнесена пред билатерланиот скрининг за поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, дека се случува најголемата хаварија во правосудството од независноста наваму, звучи еднакво силно токму сега. Таа ќе заклучи:
„Јасно е дека политичките партии на власт во континуитет и систематски ги демотивираа и ги уриваа квалитетот и интегритетот во секоја гранка на власта, а и пошироко во општеството, во полза на партискиот клиентелизам. А овие метастази што се шират нема да ги спречи никој однадвор. Како и да се сврти, топката повторно се префрла на домашниот терен.
Владата изгледа дека погрешно пресмета дека отстапките кон Бугарија ќе ѝ обезбедат доволно ‘успех во реформите’ и доволно маневарски простор да си поигрува со реформите. Реалноста е ‘дупло голо’ – и билатерализација на преговарачкиот процес и назадување во вистинските реформи“.
П. Џамбазоски