сабота, 28 септември 2024
Бугарскиот претседател со порака до владата и ЕУ

Радев повика на итно дејствување зашто македонската влада бега и од зборовите Бугарин и бугарско

„Маските конечно паднаа. Новата влада во Република Северна Македонија јасно покажува дека најголемиот страв на политичката класа во оваа земја е таму да го препознае самото постоење на зборовите Бугарин и бугарско. Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, како и против меѓународните обврски преземени од РСМ“, изјави денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев одговарајќи на новинарско прашање „за агресивната реторика на новата влада во РСМ кон Бугарија“. Порака до македонскиот премиер Христијан Мицкоски упати и Бојко Борисов, кој ако стане премиер ќе упати покана за средба.

Објавено на

часот

Сподели

„Веќе стана јасно зошто пролетта 2021 година, како претставник на Бугарија во Европскиот совет, го префрлив фокусот на европските институции и лидери од заштитата на нашата историја, култура и јазик и на заштитата на правата на Бугарите во РСМ. Јасно е и зошто ја покренав идејата за нивно вклучување во Уставот на државата како важен, задолжителен и прелиминарен услов“, рече шефот на бугарската држава.

Тој додаде дека очекува коректни дејствија и од бугарската влада и од европските институции „за одржување на европските принципи и норми во процесот на проширување“.

Тоа значи – да гарантира неповратност и одржливост во афирмацијата на принципите на демократијата и главните критериуми во почитувањето на човековите права, вели Радев.

Според него, доколку ЕУ не се заложи за европска перспектива на Балканот, врз основа на јасни принципи, норми и вредности, „тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација“.

Поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека договорите вклучени  во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, на тој начин реплицирајќи на изјавата на Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.

!Какви било толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија. Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да се потпрат на неа“, смета Борисов.

Тој нагласи дека ќе иницира средба со Мицкоски доколку формира влада и повторно стане бугарски премиер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ