Сите вработени во културата, почнувајќи со исплатата за септември добиваат за 10 проценти повисоки плати како резултат на Општиот колективен договор за вработени во јавниот сектор постигнат оваа година.
Како што соопштуваат од Министерството за култура, платите во културата, од почетокот на бранот покачувања во 2021 година, заедно со најновото покачување од септември 2023, се поголеми за вкупно 43 проценти.
„Ваква динамика на покачувања на платите досега не е забележана во јавниот сектор во земјава, а до оваа драстична промена во полза на културните работници дојде со потпишувањето на Колективниот договор кој во претходните 15 години беше постојано најавуван, за конечно да се реализира во 2019 година“, појаснуваат од министерството.
Оттаму информираат дека договорот придонел за правичност во групирањето на работните места, за праведна валоризација на трудот на вработените, за остварување на правата на додатоци на плата, за спречување на злоупотребата на вработените во културата, за спречување селективност и фаворизација во утврдување на правата по работен однос и за регулирање на други релевантни прашања од работниот однос.
„Благодарение на Колективниот договор, од 2020 година платите во културата беа зголемувани во неколку наврати и тоа за 1,65 отсто во 2021, за 19,55 отстово 2022, за 12,55 проценти во 2023 во март. Нагласуваме дека спроведувањето на Заклучокот на Владата за покачување на основната плата во јавниот сектор за 10 проценти што важи за целата држава се остварува согласно Општиот колективен договор“, се наведува во соопштението.
Начинот на утврдување на основната бруто-плата, како што велат од Министерството за култура, е дефиниран во Колективниот договор за култура, а со поединечните решенија за плата само се констатира износот, зголемен за 10 проценти во согласност со член 14 од Општиот колективен договор.
„За да биде попрегледно како растеа платите во културата од 2021 до септември 2023 година, најдобро се гледа од споредбата на податоците за неколку работни места и звања во дел од културните установи“, се наведува во соопштението од Министерството за култура.