недела, 17 ноември 2024

Петар Гошев: Книгата на нашата историја сѐ повеќе станува книга на срамот и поразите

Ни треба револуција против промоција на криминалците во општеството, средства за морална хигиена од нивното загадување на јавниот простор, вели во изјава за Дојче веле Петар Гошев.

Објавено на

часот

Сподели

За тоа како се оддолжуваме кон револуционерите и каква современа револуција му треба на нашето општество денес, Петар Гошев, поренешен пратеник, министер, гувернер на НБРМ, вели дека ни треба револуција против патримонијализмот на чиновникот кој му е верен на партискиот лидер наместо на својата законска должност.

„Време е да размислиме што ни значат овие празнувања – дали само благодарност кон сите учесници во разните  револуционерни битки за создавање и развиток на македонската држава или и доказ дека нивните дела се претвориле во инспирација на генерациите по нив за надградување на нивната оставнина.

Ако е само првото, тоа би значело дека прославуваме само стари победи, а на народ без нови победи не му се пишува добро. Инспираторите за овие празници, може да бидеме сигурни, дека повеќе би го сакале второво, зашто за тоа и ги вложиле нивните животи. Во последните три децении, за жал, книгата за испишување на нашата историја сѐ повеќе станува ‘Книга на срамот и поразите’ отколку бележник за надградба на нивите дела. Иако некому може да му прозвучи пресилно, започнавме да испишуваме сé повеќе страници за убивање на сопствената држава – за арчење на наследството од нив“, вели Гошев.

„Нашата денешна криза не е економска, технолошка, енергетска… Таа е длабоко морална, културолошка, а сѐ останато се само последици. Не знам дали сме способни за тоа, но нам ни треба пред и над сé, длабока и вистинска културолошка револуција (секако не од кинески вид) или, ако некому му пречи зборот револуција – ни треба забрзана еволуција во сите домени од областа што збирно ја нарекуваме култура. И забрзана еволуција на вкупниот систем на вредности кој длабоко е зарибан, ретрогаден, парохијален – потопен од нечесноста и доминацијата на лагата“, вели Гошев.

Тој смета дека со нов културолошки образец власта треба да се спречи да ги потпишува нејзините ветувања на мраз, а потоа мразот да го принесува до оган.

„Ни треба револуција за секуларизација наместо сакрализација на односот кон државните лидери. Револуција против патримонијализмот на чиновникот кој му е верен на партискиот лидер наместо на својата законска должност. Ни треба револуција за правна култура. Правото да стане еден од најважните општествени институти – кој во најголем дел го детерминира политичкиот социјалниот и економскиот развиток. Во општества, лишени од цврста правна и морална култура – кои патем и лажно глумат христијански вредности – најголем легитимитет добива силата. Во такво опшество не помагаат ни закони ни заповести. Остануваат без механизми за социјална саморегулација“, вели Гошев.

И не само тоа. Гошев посочува дека е потребна и жестока пресметка со султанизмот во партиите, со  гангстерскиот капитализам и со културата на надзаконитост на владеачката каста или касти.

„Ни треба револуција против дружењето со криминалците, против нивната промоција во општеството, средства за морална хигиена од нивното загадување на јавниот простор. Ни треба препород на придавките ‘чесност’, ‘доблест’, ‘личен интегритет’, враќање на вредноста на искажаниот збор. Дури по наведеново, може да зборуваме за концепти на индустриски политики, технолошки и еколошки револуции, за добрата и лошата страна на вештачката интелигенција и другите мега теми на современите развиени демократски општества”, оценува Гошев. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ