Нема да се случат уставни измени, рече Пендаровски во интервјуто кое телевизијата го емитува вечерва.
На потпрашањето дека оптимисти се сепак и премиерот Димитар Ковачевски и министерот Бујар Османи, Пендаровски одговори:
„Знаете која е разликата меѓу нив и мене? Јас сум добро информиран реалист. За овој период, таман работа, мислам, нема шанси. Инаку да би се случиле, би имало некои движења во парламентот. Не може од небо да паднат осум луѓе и да променат страна. Не гледам индиција која упатува на таква разврска, инаку јас сум за. Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат потпишано нотарски изјави, иако правно немаат никаква тежина тие нотарски изјави, но сепак. Претпоставувам дека тоа е пи-ар ефект, инаку во правна смисла нема ништо од тие нотарски изјави“, рече Пендаровски.
На прашањето за Кривичниот законик, шефот на државата рече дека не го потпишал указот за да се додвори на СДСМ и ДУИ во пресрет на избори за нов мандат, како што беше формулирано прашањето во интервјуто и рече дека опозицијата е последната која треба да реагира поради измените.
„Опозицијата е последната која треба да реагира во основ на Кривичниот законик. Дали е точно дека опозицијата направи кворум? Можеше да не направи. Законот беше со европско знаменце, добро, три дена е, но тие знаеле дека да чукаат со тенџериња во Собрание кога се носеле некои закони, и не мораа да влезат внатре да направат кворум. Кое е обвиниувањето кон мене, на што се потпира? За да се додворам на СДСМ и ДУИ за нов претседателски мандат? Еве јас ќе кажам неколку апсудри… Дали е точно дека со измените се опфатен Милошоски па и неговиот татко? Опфатен е. Дали е опфатен Јанушев? Опфатен. Дали е точно дека и процесот Сончев град и првообвинетиот Миле Јанакиески се опфатени. И Димовски кој е член на ВМРО-ДПМНЕ? Значи јас ли се додворувам кон СДСМ и ДУИ да ми дадат втор мандат? Дали Мицкоски и неговата екипа мислат дека тоа што го потпишав Законот е за таткото на Милошоски, потоа на Јанушев или Јанакиески за да ми дадат втор мандат? Потоа слушнав, демек, тоа било скриена амнестија за Груевски за да се врати. Еден месец се на сила овие закони, не го гледаме Никола Груевски“, кажа Пендаровски.
Сепак, Пендаровски го иритира што пропадна клучниот предмет, Таргет – тврдина кој се однесува на незаконското прислушување, поради што главно и беше формирано Специјалното јавно обвинителство.
„Жалосно. Апсолутно ме иритира тоа што нема никој да одговара за прислушувањето, веројатно само за уништувањето на опремата. И јас бев една од жртвите на прислушувањето. Во некои ситуации постои спрега да се забошоти еден случај. Вие имате екстремни случаи кога имаме два дена пред пресудата еден од судските поротници оди на пензија, и се враќаме на почеток на предметот… И демек никој не знаел за тоа“, рече Пендаровски.