Стјуарт Пич, специјален претставник на премиерот на Обединетото кралство за Западен Балкан, на конференцијата кажа дека „во денешниот геополитички контекст, во конфликт и војна на нашиот континент, сега од кога и да било, ни требаат нашите вредности“.
„Повеќе од кога било ни треба Советот на Европа и како основачки член на Советот ги потсетуваме нашите колеги на улогата на парламентите не само во одржувањето на демократијата, меѓутоа и во охрабрувањето на демократијата цело време преку парламентарни процеси кои никогаш не биле поважни“, рече Пич.
Според него, гледиштата на Русија во регионот се веќе познати, но, вели Русија нема да застане.
„Затоа време е да преземеме одговорност во овој парламентарен процес и да испорачаме, и да ја одржиме демократијата и владеењето на правото кое што самото по себе е предизвикана од геополитичките немири. Обединетото кралство продолжува да ги поддржува имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права и мислам дека вистинското барање на сите нас без разлика дали сме во Парламентот или не, е да испорачаме економски и општествен развој за луѓето за следните генерации“, истакна Пич.
Тој рече дека во однос на процесите и како функционира Европа, Обединетото Кралство е надвор од Европа, меѓутоа е дел од европската политичка заедница.
-Ќе завршам со една загриженост која што ја имам како специјален претставник на Обединетото кралство. Таа се однесува во однос на медиумите во регионот кои се фокусирани премногу на минатото, на можностите на заеднички поделби, а понекогаш и реторика која што личи на говор на омраза. Тоа не носи до вредностите на Советот на Европа коишто ги споделуваме за зачувување на демократијата и да ја заштитите за иднината“, рече Пич.
Марина Рагуш, потпретседателка на Комисијата за надворешни работи на Народното собрание на Србија, истакна дека “за жал не само што ентузијазмот за пристапување во ЕУ опаѓа во земјите од Западен Балкан, туку и кризата во ЕУ го натера Брисел да го премести своето внимание кон други региони и да се фокусира на други прашања“.
„Зошто не се постигна дополнителен напредок во процесот на евроинтеграции досега? Зошто ваквиот процес е спор? Дел од одговорноста секако е во самите земји од Западен Балкан. Нашите општества сѐ уште се соочуваат со прашања од минатото и наместо да се вклучат во дебата преку аргументи, се служат со уцени и со фабрикувани информации“, рече Рагуш.
Сепак, според неа, голем дел од одговорноста лежи и во европските институции и политики коишто ги спроведуваат земјите-членки на ЕУ.
Арбрешa Крујезиу, претседателка на Комисијата за надворешни работи и дијаспора на Собранието на Косово, рече дека луѓето во регионот ја гледаат Европа како остварување на нивните аспирации, меѓутоа, рече има и скептицизам.
„Иако многу европски нации ги прифатија нашите аспирации, некои европски земји имаат резерви. Важно е да го премостиме тој јаз и мора да покажеме дека нашата вклученост не е поволна само за нашиот регион туку и за Унијата“, рече таа.
Според неа, регионот е буре барут на историски влијанија и често бил епицентар на политички промени, но сепак, кажа таа, преку продолжувањето на дијалогот цврсто стоиме на патот на заедничка иднина.
Адриен Кирали, специјален советник за Западен Балкан, Генерален директорат за проширување и соседство при Европската комисија рече дека отсуството на проширување на ЕУ ќе значи празнина што може да биде пополнета од други актери.
Во однос на уставните измени таа кажа дека волјата на Македонија да ги направи измените е уште еден чекор напред кон ЕУ за земјата.
„Нашата политичка перспектива е да ги отвориме кластерите за преговори што е можно поскоро. Но мора да препознаеме дека не е доволно само да чекаме на аспирантите да се приближат кон ЕУ. Треба да преземеме одговорност и да ги донесеме поблиску до Унијата. Бараме нови начини да ја продлабочиме соработката со Западен Балкан пред нивното конечно пристапување во ЕУ“, рече Кирали.
Таа нагласи дека најголемиот предизвик е како да се осигуриме дека моменталната динамика на процесот на проширување е одржлива и би се одржала, а државите од своја страна треба да сторат сѐ во однос на имплементирање на реформите коишто се неопходни за да се движи напред државата. Според неа, новиот план којшто беше презентиран од Фон дер Лајен на Берлинскиот процес е добра основа и добра иницијална точка за сето ова.
Потсети и на механизмите, со цел, како што рече, да се затвори социјалната празнина пред да се овозможат социјални субвенции.
Таа се осврна на и ризикот доколку не се случи проширување на Унијата.
„Веруваме дека проширувањето е единствена опција, но за оние коишто се сомневаат особено важно е да се има на ум опасноста од непроширувањето и за ЕУ и за нејзините членки, но и за аспирантите. Отсуството на проширување ќе значи несподелување на европските вредности со нашето непосредно соседство и ќе води до празнина која што може да биде пополнета од други актери. И денес најмалку ни треба да се потсетуваме колку опасно е тоа сценарио“, подвлече Кирали.
Според неа, доколку тоа се случи, ќе биде пропуштена можност да се зголеми релевантноста и да се изгради пообединета и посилна Европа заедно.
Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања, кажа дека процесите во земјите од Западен Балкан и нивниот влез во ЕУ се сѐ уште поизразени во новиот геополитички контекст и важно е да се одржи процесот на шроширување.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, осврнувајќи се на обраќањата на говорниците, рече дека намалувањето на поддршката и довербата во рамки на ЕУ, во Македонија во голема мера се намалува поради што не биле испорачани ветувањата кои беа дадени претходно, пред 20 години.
Советот на Европа ќе продолжи да ја поддржува Македонија и Западен Балкан за постигнување на опипливи и мерливи резултати во реформите, порача претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Тини Кокс во неговото обраќање.
Тој се осврна на Солунската агенда од 2003 година и на неуспехот да се награди напредокот, кој како што рече, го намали ентузијазмот кај граѓаните од овој регион, а европската визија го изгуби својот сјај и повторно се појави етнонационализмот. За него ова е причина, да се биде загрижен, но и должност да се дејствува без да се губи повеќе време.
„Затоа ПССЕ сега ги поттикнува земјите од Западен Балкан да се осврнат на нерешените предизвици како што е поларизираната политичка клима која што понекогаш води до интеринституционални ќорсокаци и конфликти. Исто така ги поттикнуваме земјите од Западен Балкан да се осврнат на прашањата на доброто владеење и владеењето на правото кои влијаат на независноста на судството и функционирањето на јавната администрација како и борбата против корупцијата. Нашето Собрание ги повикува земјите да се осврнат и на прашањата поврзани со правата на националните малцинства и малцинските заедници и постојаните поделби по етнички линии кои влијаат на многу аспкети од нашите животи“, рече меѓу другото Кокс.
Во попладневниот дел на Конференцијата ќе се обратат Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка, евроамбасадорот Дејвид Гир, Питер Хурелбринк, директор на Фондацијата Фридрих-Еберт за Македонија и Косово, Ерјон Тасе, извршен директор, Академија за политички студии, Тирана, Албанија…