Претседателот на државата Стево Пендаровски во четвртокот изјави дека поволна околност е тоа што државата е членка на НАТО и дека добива информации од Советот за безбедност на Европската унија.
„Секако дека Советот за безбедност ќе биде свикан, не само за последниот развој на настаните на Блискиот исток. Моите луѓе во Кабинетот правеа напори да ги усогласат агендите на првите луѓе од Владата бидејќи тие мора да бидат присутни. Претпоставувам дека до крајот на овој месец ќе имаме седница на која ќе зборуваме и за северот на Косово каде имаме контингент којшто сакаме да го зголемиме по барање на НАТО. На дневен ред ќе биде и Украина и Блискиот исток“, рече Пендаровски за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Случувањата на геостратешко ниво сериозно влијаат врз безбедносната состојба. Безбедносните служби се консолидирани и се во постојана координација со цел да се сочува безбедноста и стабилноста на државата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Сите случувања на геостратешко ниво сериозно влијаат на безбедносната состојба, а и случувањата во регионот бидејќи ние сме кревок регион во однос на безбедноста. Имаме отворени прашања коишто треба да се решат преку дијалог. За жал, во 21 век имаме руска агресија врз Украина, а во моментот имаме и нова безбедносна криза во Израел. Сето тоа имплицира дека мораме да бидеме многу внимателни, сите безбедносни служби треба да работат консолидирано. Следиме од час во час и сите активности се анализираат, истакна Спасовски во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Претходно пак, неговата колешка, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, истакна дека во Македонија нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните.
„Република Македонија во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните. Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подотвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Секогаш кога се отвора нов конфликт низ светот, вели Петровска, тој предизвикува одредени пореметувања во постојаното функционирање на државите, независно дали е тој поблиску или подалеку.
По воениот конфликт на Блискиот исток и терористичкиот напад во Брисел, голем дел од европските држави го подигнаа нивото на безбедност.