недела, 17 ноември 2024

Народниот правобранител до Собранието праќал па повлекувал предлози за избор на негови заменици, утврди ДЗР

Народниот правобранител два пати за две години праќал предлози до Собранието за избор на пет негови заменци па ги повлекувал, утврди Ревизорскиот извештај за работата на Народниот правобранител за 2022 година што денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР). Покрај ова ДЗР извршил ревизија и на финансиското работење на институцијата и при тоа изразил мислење без резерва дека финансиските извештаи за 2022 година се објективни и реални.

Објавено на

часот

Сподели

Неусогласени и непрецизирани законски прописи кои го регулираат статусот, правата и обврските на вработените во Народниот правобранител, мандатот на народниот правобранител како национален известувач за трговија со луѓе и постапката за избор и именување на заменици на Народниот правобранител се главните забелешки што ги утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР), а кои се содржани во Ревизорскиот извештај за работата на Народниот правобранител за 2022 година што беше објавен денеска.

Според извештајот, во периодот на вршење на ревизијата во Народниот правобранител назначени биле пет заменици, од кои тројца во канцеларијата во Скопје со мандат до 2024 година односно до 2028 годна и по еден заменик за канцелариите во Кичево и Битола, со мандат до 2027 година. По назначувањето, Народниот правобранител објавил неколку огласи за
избор на заменици, дал предлози до Собранието за именување на негови заменици, но предлозите подоцна ги повлекол.

„Имено, во месец мај 2021 година објавен е Оглас за избор на пет заменици, а до Собранието е доставен Предлог за избор на двајца заменици, кој во месец јули истата година е повлечен. Наредниот месец доставен е нов Предлог за именување на пет заменици по кој до Собранието доставено е Известување за повлекување на Предлогот за именување на заменици на Народниот правобранител. Во месец мај 2023 година објавен е нов оглас за пет заменици на Народниот правобранител, а постапката за селекција и доставување на Предлогот до Собрание е во тек. Недоволно прецизираната постапка за избор и именување на заменици на народниот правобранител овозможува непостапување во разумни рокови и ја одолговлекува постапката за избор и именување на заменици на Народниот правобранител“, констатирал ДЗР.

Затоа, ДЗР смета дека е потребно одговорните институции да преземат мерки за детално уредување на постапката за избор и именување на заменици на Народниот правобранител, како и за назначување на заменици со што би се намалил периодот на функционирање на институцијата без луѓето потребни за раководење со работата на Народниот правобранител.

Освен ова, ДЗР извршил ревизија и на финансиското работење на институцијата и при тоа изразил мислење без резерва дека финансиските извештаи за 2022 година се објективни и реални.

„Финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Народниот правобранител на ден 31 декември 2022 година, на сметката на основен буџет (637), како и резултатите од финансиските активности за годината која завршува со тој датум, во согласност со важечката законска регулатива. Според наше мислење, активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на Народниот правобранител за 2022 година, на сметката на основен буџет (637), во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Спроведувањето на препораките презентирани во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2002 година, не беше предмет на оваа ревизија, од причина што од последната ревизија изминат е подолг временски период и настанати се промени во законската регулатива со која е уредено работењето“, констатирале ревизорите од ДЗР.

Од ДЗР велат дека прашањата кои ги покрива овој извештај биле дискутирани на завршниот состанок со раководството и одговорните во Народниот правобранител одржан на 9 јуни годинава, за кои биле дадени свои коментари и објаснувања. Од страна на законскиот застапник на Народниот правобранител и одговорниот во периодот кога е вршена ревизијата не биле добиени забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ