Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД на 2-ри јуни минатата година, во Вашингтон. Со тоа, билатералните односи меѓу двете земји се издигнаа на повисоко ниво, зајакнувајќи го стратешкото партнерство и долгогодишното сојузништво меѓу двете земји. Во рамките на првиот состанок на Стратешкиот дијалог беа дефинирани повеќе области пред сѐ од билатерално значење, но и од регионален и глобален интерес. Како клучни области за соработка беа посочени: регионални иницијативи; одбрана и безбедност; врски меѓу луѓето; билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото; трговија и инвестиции итн, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).
„Целта на Стратешкиот дијалог е преку потесна соработка да се зајакне придонесот на САД во рамките на спроведувањето на домашната реформска агенда, зајакнување на демократскиот напредок и развој на земјава, зголемувањето на нивото на безбедноста, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и остварување на взаемните интереси на двете земји од регионален и глобален аспект. Од овој аспект, во рамките на Стратешкиот дијалог, во областа ‘Регионални иницијативи’ остварена е потесна соработка и обезбедена поддршка од САД за нашите претседавања со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) како и САД – Јадранската Повелба (А5). Двете земји имаат заеднички интерес за подлабоко присуството и на САД на Балканот, како еден од најважните двигатели на развојот и стабилноста на регионот“, велат од МНР.
Според министерството, во изминатиот период во делот на одбраната и безбедноста, преку Стратешкиот дијалог биле одржани заеднички обуки и вежби со САД, вклучително и со регионалните сојузници; обезбедена била американска поддршка за континуиран развој на способностите на Македонија за постигнување на НАТО целите, како и соработка за јакнење на способностите за сајбер одбрана.
Преку проектите од областа врски меѓу луѓето се работело на јакнење на образовната соработка, како и подигнување на свеста за медиумската писменост, што е значајно за градење на општество кое ќе бара отчетност од јавните институции.
„Дополнително, зајакната соработка во рамките на културната размена ќе придонесе за поврзување на народите од двете земји, како и за развојот на нашите уметници и нивно претставување на светската сцена. Соодветно на веќе утврдените приоритети, во тек е реализацијата на проектите и во делот на билатералната соработка, добро владеење и владеење на правото, со посебен акцент на борбата против корупцијата, за што веќе беа реализирани и бројни посети од високи претставници на САД. Во рамките на Извештајот беше нотирана и зајакнатата соработка во рамките на Стратешкиот дијалог во делот на трговијата и инвестициите, бизнис соработката, здравството итн“, соопштија од МНР.
Министерството за надворешни работи, велат оттаму, ќе продолжи да го следи текот на реализација на Планот на активности во рамките на Стратешкиот дијалог и редовно да информира на Влада за статусот на реализација на проектите.