недела, 17 ноември 2024
Изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Ковачевски изигрува мачо – мен

Не знам кој го советува премиерот Димитар Ковачевски да води „мачо – игра“, демек тој е тој што одредува дали ќе има или не предвремени избори, тој кажува кога ќе биде датумот, па кажува дека нема да има лидерска средба туку можело работни групи, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој потоа додаде:„Во ред, нека одреди Ковачевски ден кога да се сретнат работните групи, ние сме подготвени да номинираме претставници“. Тој на друго новинарско прашање рече дека ќе се заложи во иднина во секое училиште да се интонира државната химна. Мицкоски побара од премиерот извинување за обвинувањата во врска со „делчевските ниви“, зашто, обвинителството потврди дека нема докази.

Објавено на

часот

Сподели

„Еве нема предвремени избори. На 8 мај в година не се предвремени, редовни избори се. Да, му признавам, секоја чест, како тој што кажа, така излезе. Еве како тој што ќе каже и датум и ден кој што ќе го каже, тогаш ќе се сретнат тие работни групи. Само нека се сретнат и нека разговараат. Тоа што тие ќе го предложат, тоа ќе го разговараме. Еве ние ништо веќе не коментираме затоа што се плашам дека што и да кажам, неговите советници ќе му кажат: Е, сега Христијан ќе каже, има ти да кажеш. Ти треба да бидеш тој кој што е мачо политичар. Еве тој нека биде. Еве ние ќе слушаме и како тој ќе каже, така нека биде“, рече Мицкоски денеска во Гази Баба, каде беше во посета заради партиски активности.

Мицкоски уште еднаш го повика Ковачевски да го определи датумот за изборите и местото и времето за средба на работните групи, но посочи и на друга работа.

„Ќе потсетам дека во моментов имаме проблем бидејќи имаме Државна изборна комисија која што не работи согласно законот. Зошто не работи? Затоа што не се седум туку се шест членови. Имаме по закон јасно дефинирана структура на Државната изборна комисија, четири членови од власта, а тројца од опозицијата. Но имаме двајца членови од опозиција, а власта опструира номинирање на уште еден член од опозицијата“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека случајот наречен „Делчевски ниви”, се потврди како уште една распрсната лага на власта.

„Истрагата се прекинува од обвинителството на Ковачевски затоа што нема докази. Со месеци за ова СДС, Ковачевски и неговите апологети лажно обвинуваа за вмешаност на претседателот Мицкоски. Сега кога има потврда дека нема вмешаност на Христијан Мицкоски, СДС и Ковачевски треба да се извинат. СДС, Ковачевски и нивните апологети конструираа случај каде што го нема, партискиот наратив се сведуваше на лаги за некаков криминал во таканаречениот случај делчевски ниви. Сега откако ЈО го затвори предметот, заради немање на докази за криминал, сите обвинувања на СДС паднаа во вода, се испостави дека лажеле со цел да нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ со измислени афери. Очекуваме Ковачевски со истиот жар и интензитет со кој што лажеше за некаков криминал, сега и да се извини“, рече Мицкоски.

Одговарајќи на друго новинарско прашање поврзано со интонирањето на химната на Македонија, дали тоа ќе биде и негово барање за сите училишта, Мицкоски одговори потврдно.

„Министерството за образование оваа политика ќе ја спроведе и мислам дека на целата територија на државата треба да има ваков начин на покажување почит кон државата, во којашто сите ние живееме и твориме. Апелирам до министгерот од тој ресор ова да биде државна политика и да се реализира во сите општини, без разлика од која политичка партија и да се градоначалниците. Имаме држави, нашиот стратешки партнер САД, каде што има многу нации,  сите стојат пред интонирање на американската химна и се горди кога ја слушаат американската химна и сите го почитуваат американското знаме. Така што оние кои не ги почитува националните атрибути на државата, во којашто живее, тогаш навистина има сериозен системски пропуст“ рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ