сабота, 16 ноември 2024
„Брз прст лажни вести носи“ – мото на петтите ДМП

Медиумската писменост е клуч граѓаните да се заштитат од лажните вести

Подложноста на населението на дезинформациски кампањи, теории на заговор и други алтернативни наративи е последица на структурни фактори, кои треба да се адресираат со конкретни програми наместо со практики на политизација, отфрлање или игнорирање, беше истакнато на првиот панел од  петтите Денови на медиумската писменост кои, под мотото „Брз прст лажни вести носи“, се одржуваат од денеска до крајот на месецов, во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и членовите на Мрежата за медиумска писменост (ММП).

Објавено на

часот

Сподели

Деновите ќе опфатат повеќе настани со цел да се поттикнат активности што ќе им помогнат на граѓаните да се справат со ширењето лажни вести и дезинформации. Се совпаѓаат и со активностите што ги организира УНЕСКО како глобална активност во борбата со дезинформациите и медиумска писменост во дигиталниот простор.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, изјави дека е доста големо ширењето на лажните вести и дезинформации, особено преку социјалните медиуми, и дека ниту државните институции ниту проверувачите на факти не можат да ги проверат сите информации.

„Ако се погледне интернет-просторот, ќе се види дека имаме копипејст новинарство, една лажна вест потоа ја пренесуваат голем број медиуми. Традиционалните медиуми се можеби поотпорни, но и тие понекогаш, може не по сопствена волја и заради одреден пропуст, да дозволат понатаму да бидат ширачи на лажните вести и дезинформации“, рече  Трајчевски.

Додаде дека поради сѐ поголемото влијание на социјалните медиуми, важно е граѓаните да бидат отпорни на ширење на лажните вести и дезинформации, имајќи предвид дека претстојат два изборни процеси во државава и во контекст на, како што рече, носење правилна одлука при спроведувањето на изборите, не само в година туку и во иднина.

„Процесот на подигнување на медиумската писменост е доста тежок. Како ММП и како државна институција сме упорни и истрајни да направиме сѐ да го подигнеме нивото на медиумска писменост“, рече директорот на АВМУ.

Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“, кој го водеше првиот панел, во име на сите членки – граѓански организации кои се дел од Мрежата за медиумска писменост, истакна дека е неопходен заеднички пристап за да се зголеми нивото на медиумска писменост во нашето општество и отпорноста кон дезинформаците, кои, рече, често се поврзани и со домашни и со странски антидемократски штетни влијанија.

„Неопходно е сите државни институции, сектори во општеството, не само граѓанскиот и медиумскиот, туку и приватниот сектор, особено академската заедница, истражувачите, образовните институции, медицинскиот сектор, сите заедно да работат и да ги согледаат прашањата кои се поврзани со медиумска писменост во нивната област и да им помогнат на граѓаните да го развијат овој збир на вештини и знаења кој се нарекува медиумска писменост. Верувам дека тоа е исклучително важен елемент од развојот на демократијата и економскиот просперитет во нашата држава и дека со заеднички напор може да се постигне многу повисоко ниво и на знаење и на заштита на основните права на граѓаните кои се покриени со оваа сфера“, изјави Стојановски.

Посочи и дека медиумската писменост не е само медиумско, туку и безбедносно прашање и не само на државно ниво, во врска со разни геополитички влијанија, туку  и на лично ниво од аспект на заштита на личните права и економска сигурност затоа што сајбер нападите ја искористуваат ниската медиумска писменост.

Според Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), не постои медиумски писмена нација доколку медиумската писменост не е застапена во формалното образование и заради тоа пред три години, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, и со поддршка на ИРЕКС и УСАИД, почна воведување на медиумската писменост во наставата.

„Со гордост можам да кажам дека денеска, после три години, таа е веќе дел во најголем процент во наставните програми во основното образование, а наскоро ќе почнеме со работа и вклучување на медиумската писменост во наставните програми на средното образование, Со тоа, Македонија ќе биде една од ретките држави, ако не и единствена во регионот, која има имплементирано содржини од медиумска писменост во основното и во средното образование, што ќе значи вклучување во програмите на сите нивоа од задолжителното образование во нашата земја. На тој начин како држава ние инвестираме во иднината на граѓаните, во просперитетот на општеството и во зајакнување на компетенциите на младите луѓе за да можат да се адаптираат и успешно да партиципираат во новите современи текови што ги диктира технологијата“, рече Петковска.

Оцени дека во изминатите неколку години е направен значителен прогрес во медиумската писменост на младите, но дека технологијата и дигиталниот свет се менува со голема брзина и мора постојано, како што рече, „да ги апдејтираме знаењата за да бидеме во чекор со промените“.

Покрај едукација на младите, рече таа, се работи и со повозрасни граѓани и со пензионери. Во тие проекти е активен Институтот за комуникациски студии, кој исто така работи и на медиумска писменост во високото образование каде што се воведуваат наставни програми, особено на педагошките факултети за обучување на идните наставници во оваа област.

Прашана на што се должи слабиот интерес за студирање новинарство и опаѓањето на бројот на запишани во изминатите години, Петковска рече дека дојдовме до цивилизациски чекор кога новинарството ја губи вредноста како чувар на јавниот интерес и она што го знаеме како класична форма на толкување. Според неа, проблемот е повеќеслоен и глобален и како медиумско милје сме под влијание на севкупните промени  што ја засегаат оваа професија.

„Од економски аспект излегува дека денес е подобро да бидетете инфлуенсер отколку новинар и да продавате сѐ и сешто за кое добивате финансиска поддршка, за разлика од новинарството кое секогаш е изложено на ветрометина и се соочува со предизвици и тешкотии“, рече Петковска.

Таа укажа на исклучителната важност на новинарството за едно општество да има медиумски писмени граѓани и порача дека сите заедно мора да работат да се зачува новинарството.

„Тоа е јавно добро кое го штити интересот на секој поединец, на сите граѓани, и затоа и во програмата за медиумска писменост што ја предаваме и која е дел од наставната програма, особено го нагласуваме аспектот децата да ја препознаваат вредноста на новинарството и зошто самите треба да го поддржуваат во секоја можна форма. Бидејќи само граѓаните можат да го зачуваат и да го спасат новинарството“, истакна директорката на МИМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ