сабота, 22 јуни 2024

Моќна Германија на стартот од ЕП, тешка ноќ за Шкотска (ВИДЕО)

Германската репрезентација имаше идеален почеток на Европското првенство на кое е домаќин, во премиерниот меч на турнирот ја совлада Шкотска со 5-1.

Објавено на

часот

Сподели

Момците на Нагелсман одиграа доминантен натпревар од првата до последната минута, а победникот беше решен уште во првата третина од мечот.

Германија тргна фуриозно, по само 10 минути игра поведе со 1-0. Првиот гол на Европското првенство беше дело на Флоријан Вирц кој погоди со шут надвор од шеснаесетникот по асистенција од Кимих.

По само девет минути игра Германците веќе водеа со 2-0, погоди Мусиала по асистенција од Хаверц.

Шкотска беше во нокдаун, а нивната судбина стана уште поцрна во самиот финиш од првото полуврме кога Портеус стартуваше остро врз Гундоган направи пенал и доби црвен картон.

Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Хаверц за 3-0, што беше и резултат по првото полувреме.

Шкотска вториот дел го играше со фудбалер помалку, но Германија имаше милост, го намали темпото, ги чуваше силите за останатите мечеви, но и покрај тоа доминираше.

Во 68. минута нововлезениот Филкруг постигна прекрасен гол за водство од 4-0.

Шкотска до крајот сепак постигна почесен гол, Ридигер си постигна случаен автогол за 4-1.

Но тоа не беше сѐ, во судиското продолжение по една убава акција Џан со шут од далечина ги постави конечните 5-1 за Германија.

Во следното коло Германија ќе игра против Унгарија, а Шкотска шанса да го поправи впечатокот ќе има против Швајцарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ