сабота, 28 септември 2024

ДПМ го распиша конкурсот за годишни награди за 2023

Лани не беше распишан конкурсот за наградите на Друштвото на писателите на Македонија, па Управниот одбор на ДПМ реши да отвори конкурс за петте награди за книги објавени во 2023 година. Овие награди традиционално се доделуваат секоја година од 1947.

Објавено на

часот

Сподели

Се работи за наградите на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“ за прозно дело, „Ацо Шопов“ за збирка поезија, „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади, „Димитар Митрев“ за книга критика и есеистика и „Мост“ за книга напишана на еден од јазиците на националностите.

На конкурсот за најдобри книжевни дела објавени во 2023 година можат да поднесат автори на дела или нивните издавачи (со претходна согласност од авторот), а пријавувањето може да се оствари најдоцна до 5 јули, со достава на три примероци од делото во просториите на ДПМ (од понеделник до петок, од 9 до 17 часот), или со достава на три примероци од делото по пошта, на адреса на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје. Пожелно е до ДПМ да биде испратена и електронска верзија (PDF/DOC фајл) од доставеното дело, на мејл адресата [email protected].

Во согласност со Статутот на ДПМ, право на учество на конкурсот имаат сите автори, активни членови на ДПМ што објавиле книга во минатата, 2023 година, и кои заклучно со 6 јули 2024 (сабота, ден по рокот за достава на книгата) ќе ги имаат подмирено своите членарини за 2023 и 2024 година. Списокот со книги пријавени за наградите ќе биде објавен набрзо по затворањето на конкурсот, а наградите за книги објавени во 2023 година ќе бидат доделени оваа есен. Новиот конкурс за традиционалните награди на ДПМ за дела објавени во 2024 година ќе биде распишан пред крајот на годината, според вообичаената динамика.

Во однос на наградата „Мост“, потребно е да биде доставено дело објавено двојазично, на изворниот и на македонски јазик, или делотшто ќе биде делумно преведено и објавено (на хартија или на веб-страница) најдоцна ден пред затворањето на овој конкурс. За наградата „Мост“ можат да конкурираат прозни дела, збирки поезија, книги за деца и млади и книги со книжевна критика и есеистика. За учество, потребно е да бидат преведени и објавени на македонски јазик најмалку 20 страници од делото (за прозни дела), најмалку 10 песни (за дела напишани во стихови), или најмалку 25% од книгата (за книги за деца и млади). Се предлага преводите да претставуваат смисловни целини (расказ, поглавје, есеј, итн.), да бидат извадени од различни делови/циклуси (доколку делото е поделено на делови/циклуси) и да бидат редактирани од говорител на македонски јазик.

За да биде конституирано жири за наградата „Мост“ и оваа награда да биде доделена, на конкурсот треба да пристигнат најмалку три дела објавени во 2023 година од страна на активни членови на ДПМ.

Добитници на годишните награди за ДПМ за 2022 беа Венко Андоновски (роман: „Папокот на светлината“, „ТРИ“), Зоран Пејковски (збирка поезија: „Убавите жени“, „ПНВ публикации“), Ели Маказлиева (книга за деца: „Чудесен дар во годишен календар“, „Едука мак“) и Соња Стојменска-Елзесер (книжевна критика и есеистика: „Книжевен бинокулар“, ИМЛ), соопшти ДПМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ