Собранието, посочи Џафери, е клучната институција за демократизација на општеството и сите активности во себе ја содржат и парламентарната димензија. Преку неа се изразува волјата на граѓаните и се врши надзор и контрола на извршната власт на внатрешен и надворешен план.
„Работиме посветено на усогласувањето со европското законодавство во областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото за исполнување на стремежот на граѓаните за интеграција во Европската унија. На овој наш пат, Советот на Европа е наш драгоцен партнер и силна поддршка“, рече Џафери.
Паралелно со исполнувањето на европската агенда, како земја настојуваме да останеме позитивен пример за добрососедските односи преку создавање на долгорочни партнерства, рече Џафери и додаде дека добрососедските односи и активната улога во регионалната соработка, додаде се наша долгорочна стратешка определба, а потврда на тоа се заложбите за унапредување на меѓусебната соработка и решавањето на отворените прашања со соседите преку дијалог, разбирање и компромис.
Тој подвлече дека Македонија, како претседавач и глас на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), дава придонес и во решавањето на прашањата од глобален интерес во овие турбулентни времиња.
„Верувам дека ќе се согласите дека геополитичките промени на европскиот континент потврдија дека политиката на проширување останува најдобрата алатка за мир, сигурност, стабилност и просперитет. Затоа апелирам, Европската унија и земјите-членки на Унијата да продолжат проактивно и решително да го поддржуваат процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан. Имајќи го предвид постигнатиот напредок во спроведувањето на клучните реформи, ни треба редовен взаемен дијалог со Унијата и јасна временска рамка за доделување на членство како признание на досега постигнатото. Сметам дека понатамошното одложување на процесот на пристапување би можело да го доведе во прашање угледот на Унијата како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка улога. Тоа остава простор за појава на националистички и ретроградни процеси и охрабрување за трети страни да го зајакнат својот интерес во регионот“, потенцира Џафери.
Тој го поздрави доделувањето на кандидатски статус на Украина и Молдавија, и оцени дека јасната европска перспектива и на земјите од Западен Балкан, е од голем интерес за Унијата од политички, безбедносни и економски аспект.
„Со заедничките предизвици како хибридните и безбедносните закани и со климатските промени, мораме да се справиме заеднички, за да изградиме поотпорни општества во тој контекст. Затоа ни е важно во Европската унија, и покрај сложените околности, да доминира определбата за продолжување со проширувањето како обединувачки проект, заснован на автентичните европски вредности. Сакам да ги поздравам и напорите и повикот на Парламентарното собрание на Советот на Европа во рамките на стратешкото партнерство со Европската унија, да се зајакне меѓусебниот политички дијалог за забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите на Западен Балкан“, порача претседателот на Собранието, Џафери.
Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Тини Кокс истакна дека Советот на Европа ќе продолжи да ја поддржува Македонија за постигнување на опипливи и мерливи резултати во реформите.
На отворањето се обрати и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Живееме во нов геополитички момент каде итноста на нашите евроинтеграции никогаш не била поизразена. Руската воена агресија врз Украина како ниту една друга криза порано го вклучи алармот дека ЕУ мора да ја активира политиката на поширување и да презема обврска за редефинирање на својата улога во регионот, рече Маричиќ.
Според него, јасно е дека војната во Украина и настаните во регионот и на Блискиот исток повторно го отвораат прашањето за иднината на Европа, но и за иднината на ЗБ кој е, вели, мета на надворешни влијанија и пропаганда и затоа не смее да се изгуби фокусот на европската перспектива за државите од ЗБ.
„Интеграцијата на земјите од регионот заедно со земјите од поранешното Источно партнерство, пред се Украина и Молдавија, до 2030 година не е само наша цел и интерес туку е геостратегиско прашање од огромно значење за регионот, за европскиот мир, стабилност и безбедност. Ова е клучот за да се врати довербата и популарноста за идејата на ЕУ која секогаш треба да доминира над националистичките идеи во нашиот регион но и насекаде низ Европа. Таа идеја треба да доминира со наш ангажман кај граѓаните но и евроинтеграцијата како процес бидејќи нашето пристапување во ЕУ во должина на времетраењето соборува рекорди во споредба со претходните рунди на проширување“, рече Маричиќ.
Золт Немет, претседател на Комитетот за политички прашања и демократија, Парламентарно собрание на Советот на Европа рече дека во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ќе се формира поткомитет за Западен Балкан така што Комитетот за политички прашања и демократија ќе обрне посебно внимание на иднината на земјите од Западен Балкан. Верувам дека овој поткомитет може да стане движечка сила на ПССЕ за проширувањето на ЕУ и ќе претставува почеток на една успешна фаза на проширувањето.
Регионалниот настан, кој е во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа и Собранието на Република Северна Македонија, има за цел да им обезбеди на парламентарците од регионот широка платформа за соработка и дијалог за да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат, како и добрите практики кон европска интеграција.
Во попладневниот дел на Конференцијата ќе се обратат Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка, евроамбасадорот Дејвид Гир, Питер Хурелбринк, директор на Фондацијата Фридрих-Еберт за Македонија и Косово, Ерјон Тасе, извршен директор, Академија за политички студии, Тирана, Албанија…