Во својот говор, Џафери се осврна на важноста од зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, го осуди одржувањето на нелегалните избори од страна на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина, и ја нагласи потребата од доследно расветлување на грубите злоупотреби на човековите права, кршењето на меѓународното хуманитарно право и негирањето на граѓанските и политичките права од страна на Русија во Украина.
Претседавањето на Македонија со ОБСЕ годинава на централно место ги става луѓето, а состојбата во Украина е еден од главните приоритети. Во тоа својство, вели Џафери, го осудивме одржувањето на нелегалните избори на привремено окупираните територии на Украина, вклучително и Автономната Република Крим и градот Севастопол, и воедно, нагласивме дека какви било избори во рамките на меѓународно признаените граници на Украина може да се одржат единствено во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди.
Од самиот почеток сум цврсто убеден дека стоиме на вистинската страна на историјата и дека нашата поддршка ќе биде многу значајна во ослободувањето на Крим и зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Со оглед на текот, оваа војна може да трае подолго и жртвите кои се резултат на ваквите големи конфликти се неминовни. Сепак, демократијата секогаш има подолг здив во битката против тиранијата и на крајот таа ќе извојува победа. Последниве случувања во Израел и на Појасот Газа нѐ обесхрабруваат уште повеќе во насока на тоа дека од ден на ден светот се дехуманизира сѐ повеќе и се плашам дека ќе дојдеме до точка од која нема да има можност за враќање назад. Токму затоа сакам да ја нагласам потребата од доследно расветлување на грубите злоупотреби на човековите права, кршењето на меѓународното хуманитарно право и негирањето на граѓанските и политичките права од страна на Руската Федерација во Украина“, рече Џафери во своето обраќање на вториот парламентарен Самит на Меѓународната Кримска платформа во Прага.
Без целосно повлекување на Русија од териториите што ги окупираше во Украина, вклучително и Крим, нема да има одржлив мир, апелираа претседателот на Украина Володимир Зеленски, претседателот на чешкиот парламент Руслан Стефанчук и чешкиот премиер Петр Фијала на денешниот самит на Кримската платформа во Прага.
Стефанчук и Зеленски апелираа за продолжување на испораката на оружје за Украина. Пред состанокот, Стефанчук и претседателката на Домот на пратеници Маркета Пекарова Адамова, разговараа за можностите за конфискација и користење за помош на Украина на замрзнати руски средства во Чешка од неколку стотици милиони евра.
„Руската окупација на Крим е кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Не можеме да дозволиме некој со сила да земе туѓа територија. Украина нема да биде слободна додека не се врати на нејзините граници од 1991 година. Мојата решеност да и помогнам на Украина останува исто толку силна“, рече Фијала.
Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски предупреди дека е многу опасно да се шпекулира дека Западот може да се согласи со губење на Крим во замена за мир со Русија.
Самитот на Кримската платформа, на кој преку интернет учествуваат пратеници од 40 земји, освен сите членки на Европската унија и од Велика Британија и Канада, и претставници на САД, Австралија, Јапонија или Нов Зеланд, се одржува под жестоки кибер-напади и, како и веб-страницата на Кримската платформа, не работат ниту сајтовите на чешкото Министерство за внатрешни работи и полицијата.
Кримската платформа е формирана во летото 2021 година, уште пред руската агресија врз Украина, на иницијатива на претседателот на Украина Зеленски, а според неговите идеи, таа треба да служи како форум за консултации и координација на активностите со цел Русија да ѝ го врати анектираниот Крим на Украина во 2014 година.
Првиот самит на Кримската платформа се одржа минатата година во Хрватска, во Загреб.