четврток, 4 јули 2024

Честитка од архиепископот Стефан до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил

За време на интронизацијата на новиот поглавар на Бугарската православна црква, кога се споменуваше и набројуваше присуството на гостинските црковни делегации, црковната делегација на МПЦ-ОА беше именувана како делегација на „Православната црква во Република Северна Македонија“. Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан испрати честитка до новоизбраниот патријарх бугарски г.г. Даниил.

Објавено на

часот

Сподели

„Дозволете ни од свое и од името на архијереите, чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да ја изразиме радоста и срдечно да ви го честитаме изборот за претстојател на Бугарската Православна Црква. Вашата богољубива и стамена личност беше препознаена од светиот дух, како и од членовите на Патријаршискиот изборен црковен собор, кои во вас видоа достоен наследник на вашите претходници на светоимената Софиска катедра“, се вели во честитката на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан до новоизбраниот патријарх бугарски г.г. Даниил.

Во честитката се вели дека „бугарската црква и бугарскиот народ добија богољубив, правдољубив и ревносен архипастир исполнет со ревност кон божјото слово, грижлив патријарх кој внимава на чистотата на православната вера, но и смирен молитвеник за богомдоверената му паства, вдахновуван од евангелските зборови: Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците“.

Новиот патријарх на Бугарската православна црква Даниил Видински доби поддршка од 69 делегати на црковниот собор, додека митрополитот Григориј беше поддржан од 66 делегати.
На чело на БПЦ Видински го наследи патријархот Неофит, кој почина во март на 78-годишна возраст, откако 11 години ја водеше црквата.

Новиот бугарски патријарх се смета за проруски настроен и тој застана на страната на Московската патријаршија во спорот со Вселенскиот патријарх во врска со независноста на Украинската православна црква, пренесе АП.

Видинскиот митрополит Даниил бепе најмладиот (52 години) од тројцата кандидати. Малку по почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина, и откако Москва веќе ја објави Бугарија за непријателска држава, митрополитот Даниил, пак, беше меѓу луѓето кои реагираа исклучително остро по затворањето на Руската црква минатата година, изразувајќи јавно огорченост од одлуката претставникот, архимандрит Васиан и негови двајца духовници, да бидат избркани под сомнение за шпионажа.

Патријархот Даниил припаѓа на првата генерација млади Бугари кои се приклучија на црквата по падот на комунизмот.

Македонска црковна делегација составена од владиците Тимотеј и Иларион викендов присуствуваше на чинот на изборот на нов бугарски патријарх.
На интронизацијата на патријархот на БПЦ присуствуваше и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
За време на интронизацијата, кога се споменуваше и набројуваше присуството на гостинските црковни делегации, црковната делегација на МПЦ-ОА беше именувана како делегација на „Православната црква во Република Северна Македонија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ