недела, 21 јули 2024

Тошковски најави дека Безбеден град наскоро ќе поче да функционира во Скопје, Куманово и Тетово

Системот „Безбеден град“ набрзо ќе биде ставен во функција, и тоа првично во Скопје, Тетово и Куманово, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Објавено на

часот

Сподели

„Сите сакаме да има ред, сите сакаме да спиеме навечер без да има гласна музика, сите сакаме да имаме мир без да ‘летаат’ со 180 по Партизанска и по другите булевари во Скопје. Над 95 проценти од луѓето, па и повеќе, сакаат да има ред и поредок. За да имаме ред и поредок, еден од условите што, според мене, треба да го сториме е целосна имплементација на „Безбеден град“, првично во Скопје, Тетово и во Куманово. Тоа значи дека секој еден кој поминал на црвено треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој што погрешно паркирал треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој возел со поголема брзина од дозволената треба да биде казнет. Тоа е во интерес на сите граѓани“, рече Тошковски.

Пред да биде имплементиран, посочи министерот, потребно е да се направат одредени законски измени и да се дефинираат деталите околу тоа како ќе функционира.

„Ќе се казнува сопственикот на возилото. Да, тука има дали требало така, дали можело така, во многу голем број европски држави е така, и треба да се внимава кога ќе се даде на управување возилото од страна на сопственикот. Има сега тука ако е на правно лице, има работи што ќе треба да се потсредат. Ќе треба да се среди доставата како ќе оди, да не испадне сега дека се изгубиле предметите при доставата… Тоа се делови што мора да се имплементираат“, рече Тошковски.

Министерот смета дека по неговото ставање во функција ќе треба да има одреден период на предупредување, едукација и превенција. Вели дека најмалку еден месец ќе треба да има силна кампања за да не испадне дека државата има за цел финансиски да ги казни граѓаните.

Тошковски најави дека ќе има и нови вработувања во Министерството за внатрешни работи, но потенцира дека тие ќе треба да се посветат професионално и максимално во интерес на граѓаните.

Министерот за внатрешни работи го објаснуваше новиот проект за Интегриран граничен пристап за гранична безбедност, потенцирајќи дека „знае дека нема ниту една термална камера во функција на северна граница“.

„Кога ние можеме да поставиме термални камери, дронови, да употребиме дури и хелихоптери во зависност од ризичноста на конкретната ситуација, кога сето тоа ова би било во рамките на еден интегриран систем, каде би работеле во три смени, на монитори каде со овие камери и дронови би детектирале секој еден периметар што треба да се детектира во рамки на границата, каде би имале мобилни екипи, со нови возила, обучени кадри каде што повторно со Фронтекс би делувале на јужната граница“, појасни Тошковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ