четврток, 4 јули 2024
Реакција на министерката за енергетика

Божиновска: Немам бугарски пасош, финализирана е постапката за отпуст од бугарско државјанство

Министерката за енергетика Сања Божиновска во допис до медиумите вели дека во својата биографија не навела дека поседува бугарски пасош и бугарско државјанство, бидејќи рокот на важност на пасошот е истечен, а е финализиран и процесот на отпуст од бугарското државјанство.

Објавено на

часот

Сподели

По реакциите во јавноста, а особено по денешното новинарско прашање до премиерот Христијан Мицкоски за тоа зошто министерката Сања Божиновска сокрила дека поседува и бугарско државјанство и бугарски пасош, на што тој одговори дека не смета дека криела и упати прашањето да биде упатено до неа, самата министерка упати допис до јавноста.

„Поради транспарентноста за која сите се залагаме сакам да појаснам дека првиот пат кога добив прашање од новинарите беше дали поседувам бугарско државјанство, мојот одговор беше не, бидејќи процедурата за отпуст од истото беше финализирана од моја страна, неколку месеци пред воопшто да добијам можност да бидам министерка во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, наведе министерката.

Таа додава:

„Дополнително, јас веќе ја информирав јавноста дека пасошот со кој располагав е со истечен рок на важност, а од моја страна никогаш не беше поднесено барање за негово продолжување. Ова говори повеќе од јасно за мојата одлучност да се откажам од бугарското државјанство, кое, како што посочив претходно, го поседував исклучиво заради моите деловни активности на територијата на ЕУ. Имајќи го сето ова предвид, јас навистина не би можела да наведам во биографијата дека поседувам бугарско државјанство и пасош. Од друга страна, сакам да истакнам дека, очигледно, поради актуелизирањето на прашањето во врска со македонско-бугарските односи, потпополно сум свесна дека ова има чувствителна природа и сакам да посочам дека целосно го разбирам интересот на новинарите и јавноста. Оттука останувам целосно транспарента и ја објаснувам ситуацијата веќе трет ден по ред“.

Пред неколку дена 360степени.мк објави дека таа поседува бугарско и чешко државјанство, но дека тоа не го навела во биографијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ