„Компромисот што го постигнавме минатото лето не е совршен. Тоа е компромис. Но неговата прва заслуга е што го овозможи ова заминување, нагласи Бомгартнер осврнувајќи се на преговарачката рамка, пред гостите на приемот – министри во Владата, пратеници, лидери на политички партии, претставници на бизнис заедницата, на академската заедница, од невладиниот сектор, поглавари на верските заедници, претставници на дипломатскиот кор и истакнати личности од јавниот живот
Во текот на изминатите 365 дена, рече францускиот амбасадор, се разговараше многу на темата која се однесува на уставните амандмани и овие дебати досега не беа доволни за да се постигне политички консензус, но истите, вели, дозволија одредени појаснувања. Она што останува да се разговара, со дел од политичките кругови, додава тој, се условите поврзани со реформата, а не самата реформа.
„Во текот на изминатата година беше покажано големо охрабрување на европски план. Франција имаше свој удел во тоа, со последователните состаноци на највисоко државно и владино ниво: во Прага, Тирана, Лондон и Братислава. Министерката за Европа, Бун, беше овде во ноември, а овој понеделник повторно доаѓа, овој пат заедно со нејзините колеги од Германија и Полска. Во исто време, се организираа четири посети на француски пратеници, а за наесен е предвидена и петта“, најави Бомгартнер.
„Периодот кој е пред нас е од клучно значење. Изборот што ќе се направи ќе биде одлучувачки за продолжување на модернизацијата на земјата, а во насока на реформите кои остануваат суштински, а кои не смеат повеќе да се одложуваат“, потенцира францускиот амбасадор.
Во свет кој стана понестабилен и позаканувачки, обележан со продолжување на воената агресија врз Украина, посочи амбасадорот, сите го препознавме и го поздравивме извонредниот и беспрекорен став на Северна Македонија за оваа тема.
„Кога треба да се направи избор, Северна Македонија е секогаш партнер од доверба“, порача францускиот амбасадор Бомгартнер.