Како што изјави Ирина Боровиќ, бранителката на родителите на Коста К., обвинети се за кривично дело занемарување и злоставување малолетно лице. „Тој доби статус на оштетен бидејќи делата за кои се теретат неговите родители се однесуваат на него и штетата која со тоа му е нанесена“, објасни Боровиќ.
Владимир К., таткото на момчето убиец, ги негираше обвинувањата за злоставување и занемарување дете поради кои тој и сопругата се обвинети од високото јавно обвинителство во Белград. Покрај тоа, тој одбил да одговара на прашања на обвинителот и адвокатот, пренесува Танјуг. Следното рочиште е закажано за 9 декември.
Обвинителството, според српските медиуми, го проширило обвинението со кое Владимир К. се обвинува за тешко кривично дело против општата безбедност, додека Милијана К., мајката на малолетниот Коста К., е обвинета за кривично дело недозволено чување и носење оружје.
Таа се брани од слобода, додека нејзиниот сопруг е во притвор од апсењето на 3 мај минатата година. Проширеното обвинение следеше по испрашувањето на малолетниот Коста К.
Како што јавуваат српските медиуми, во овој процес им се суди на родителите на момчето, како и на инструкторот на стрелиште Немања М., кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.