Според дискусијата и аргументите во оваа насока со донесувањето на Законот нарушена е правната сигурност на компаниите кои оствариле профит над 615.000.000 денари во 2022 година, со тоа што во септември 2023 година е донесен закон кој им наложува задолжителен вонреден данок на солидарност на веќе одданочениот профит од претходната година.
Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот. Судот го имаше во предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги окончале односите со плаќањето на данок во 2022 година.
Судот во оваа фаза оценува дека со донесувањето на таков вид на данок, компаниите се ставени во нееднаква положба и дека Законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост,како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.
Иако Законодавецот во јавноста презентирал дека спорниот Закон се носи за да се усогласи со Регулатива 2022 на ЕУ, Уставниот суд, изразува сомнеж дали станува збор за усогласување, бидејќи ЕУ регулативата се однесува на вонредно одданочување на компании од енергетскиот сектор, кои оствариле значително зголемен приход како резултат на кризата, што не може да се спореди со субјектите кои се опфатени во Законот за данок на солидарност во Република Северна Македонија, бидејќи во законското уредување е предвиден критериум, а тоа е 615 000 000 денари, без оглед на тоа со каква дејност тој профит бил остварен.
Кога станува збор за аргументот на солидарноста, Законодавецот напоменува дека овој данок се плаќа во услови на непредвидлкиви и неповолни економски околности и е заснован на принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност, според кој секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи, согласно своите економски можности. Во расправата одредени уставни судии изразија сомнеж во овие аргументи на Законодавецот, со оглед на фактот дека суштината на солидарноста е да се подели товарот од сите, пропорционално, правично, а не селективно само на одредени субјекти, што може да води кон дискриминација. Во расправата беше посочено дека законодавецот не ја почитувал и уставната обврска за vacatio legis, односно пропуштил да даде аргументи и образложение за исклучокот од овој уставен принцип кој го применил во конкретниот закон.
На ова Решение за поведување на постапка, судијата Добрила Кацарска најави издвоено мислење.
По одржување на седницата, претседателот на Судот Дарко Костадиновски одржа брифинг со новинарите, на којшто истакна дека сега следува втората фаза на постапката, испитување на уставноста.
„На следната седница треба да го утврдиме нацртот на решението кое го донесовме денеска и потоа се обраќаме до доносителите на Законот за да дадат свое мислење. Што се однесува до одлуката, се знае кои се можностите и тие се утврдени со нашиот Акт, Судот може да укине, да поништи акт или во специфични ситуации да ја запре постапката. Не би сакал и неможам да прејудицирам ништо, сепак станува збор за одлука која ќе ја носат сите судии“, рече тој.
На прашањето која опција е поверојатна, дали укинување или поништување и кои ќе бидат ефектите, Костадиновски кажа дека кога станува збор за укинување, значи дека во иднина не може да да се примени ниту донесе идентичен закон, додека поништувањето подразбира да се поништат последиците кои настанале од укинатиот закон, односно поништувачката одлука значи како таков закон да не ни постоел.
На прашањето кога би можело да се очекува одлука, претседателот Костадиновски објаснувајќи ги процедурите во постапката изрази мислење дека тоа би можело да биде на почетокот на следната година.