Натпреварот во Букурешт помеѓу Романија и Косово не го дочека крајот и покрај тоа што требаше да се одиграат само уште неколку минути од судиското надополнување.
Гостинските фудбалери решија да се повлечат во соблекувална поради погрдни и расистички скандирања од трибините, и одбија да го продолжат мечот.
УЕФА денеска ги одреди казните и додели службена победа на Романија од 3-0.
Романија сепак следниот натпревар на домашен терен ќе го игра без публика поради расистички навреди, но не кон Косово, туку кон соседот Унгарија.
Европската куќа на фудбалот исто така ја казни Фудбалската федерација на Романија со вкупна парична глоба од 128.000 евра за неколку прекршоци како „ксенофобични анти-Унгарски скандирања“ и „провокативни политички пораки“, како и употреба на пиротехнички средства, употреба на ласери и фрлање предмети на теренот.
Косово, покрај тоа што остана без еден бод (резултатот беше 0-0 кога натпреварот беше прекинат), ќе треба да плати и глоба од 6.000 евра за недолично однесување на своите фудаблери.