среда, 4 декември 2024

Муцунски на ЦЕИ: Одложувањето на проширувањето ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ во регионот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) во Тирана, кој се одржа во рамките на албанското претседавање со иницијативата.

Објавено на

часот

Сподели

Фокусот на состанокот беше ставен на проширувањето на Европската Унија во светло на новите геополитички околности и руската агресија врз Украина, чии последици се рефлектираат како на регионалната, така и на глобалната безбедност и стабилност, соопшти МНРиНД.

Министрите ја потврдија улогата на ЦЕИ како важна платформа за ефективно решавање на регионалните предизвици и зајакнување на соработката во областите од заемен интерес.

Муцунски во обраќањето нагласи дека регионалната соработка е клучен модел за поттикнување на процесот на европска интеграција, кој е од суштинско значење за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој истакна дека одложувањето на процесот на проширување може сериозно да го наруши кредибилитетот на Европската Унија во регионот.

„ Стравот од уште еден потенцијално долг и непредвидлив процес само дополнително ја зголемува фрустрацијата кај нашите граѓани. Со многу непознати околу обемот и времето на претстојните пристапувања, секое понатамошно одложување би имало катастрофално влијание врз кредибилитетот на ЕУ во регионот“, потенцира министерот Муцунски.

Министерот се осврна и на улогата на ЦЕИ, важноста на регионалната соработка, силното партнерство во рамките на НАТО-алијансата и поддршката за Украина.

„ Целосно сме посветени на интензивирање на соработката, не само на меѓувладино и парламентарно ниво, туку и помеѓу нашите невладини организации, младите, научните институции, деловните заедници и локалните власти“, додаде Муцунски, акцентирајќи ја потребата од заеднички напори за натамошно зајакнување на соработката во рамките на ЦЕИ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ