понеделник, 20 мај 2024

Беким Незири од функција на функција до напад во Контролата на летање

На некои лица се чини им е „судено“ како возрасни животот да го минуваат на функција или од функција на функција. И тоа благодарение на партијата во која си имаат определени заслуги, а наградата е  работа која носи солидна државна плата и која се вика функција. Функционерот не мора да работи дневно, не копа, не ора, не произведува, не продава, не е на шалтер, не држи предавања, не лекува луѓе… Функционерот може да биде значајна личност за заедницата и да ѝ овозможи подобар живот. Може и да не го знаеме. А може и да не дава никаков придонес, во некои земји е можно и тоа. Понекогаш јавноста за некоја личност дознава дека е на функција на индиректен начин.

Објавено на

часот

Сподели

Како кога по синоќешните тензии во Контролата на летање кои кулминирале со упад на лица од ДУИ пошироката јавност дозна дека Беким Незири и сега има функција – советничка во државната воздухопловна навигација, М-НАВ. Порано бил и во Управниот одбор, бил и еден од директорите. Неговите иницијали се појавија во полициското соопштение, откако биле приведени четири од осумтте лица кои вчера влегле во Контролата на летање и тоа во радарскиот оддел, што им било овозможено, веројатно со електронската картичка на Б.Н.

Директниот повод за упадот бил да се дисциплинираат или натепаат вработени Албанци кои се солидаризирале со синдикатот во Контролата од каде беше барано да се поништи одлуката за вработување на, според синдикатот, нестручни кадри и од каде се бара разрешување на директорите (од тројца двајца се Албанци). Од синдикатот велеа дека немаат намера да отстапат па макар и се „затворило“ македонското небо, односно можен е штрајк на контролорите на летање.

Епилогот е, нарушени односи, полициско обезбедување на институцијата која се грижи за безбеден авио-сообраќај, неизвесност дали ќе се случи авионите да не летаат, најави од Владата дека ќе одлучува за разрешување на состојбите и за разрешување на раководни лица, очекувањата во јавноста дека на Илинденска владината седница може да мине и во расправија меѓу избраниците – министри на Димитар Ковачевски од една страна и тие од Али Ахмети.

За Беким Незири неколку години во јавноста не се слушаше многу, откако му заврши мандатот како министер за економија. Името минатата година повторно стана актуелно, не заради Контролата на летање, туку заради внатрепартиската битка во ДУИ со „огнената група“ која изникна во Чаир. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети презеде мерки за дисциплинирање на членството, воведувајќи нова партиска функција „координатор на огранок“ на која застана министерот Бујар Османи, а потоа се создаде простор Незири да ги консолидира состојбите преземајќи ја од огнените функцијата претседател на чаирскиот огранок.

Во биографијата на Незири пишува дека има завршено Правен факултет во Тетово и постдипломски студии за управување во јавен сектор. ДУИ имаше тогаш решено дека Незири ќе биде министер за економија. Како што е познато дека преку партиите одат предлагањата за раководните функции во државата, на функцијата министер за економија Незири дојде од функцијата директор во  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а во Фондот дошол од функцијата директор за економски и правни работи во М-НАВ. И сега е повторно во М-НАВ, што на извесен начин значи дека Македонската воздухопловна навигација е државната работа од која заминува или се враќа Беким Незири.

А токму таму, во Контролата на летање, како што објавил весникот Вест во 2010 година, Незири од директорска позиција и како член на Управниот одбор, нападнал контролор на летање. Контролорот како инструктор не сакал да му потпише дека поминал обука за контролор. Незири го удрил и го турнал по скали инструкторот. Потоа, до Управниот одбор поднел предлог инструкторот да биде разрешен, а на противењето од другите во раководството, Незири кажал дека тој одлучува за „неговите“. Снимките за нападот врз инструкторот биле избришани, а нападнатиот контролор замина во Норвешка.

Принципот „наши“ и „нивни“ е одомаќен во институциите, органите и службите, секаде каде што има државна плата, секаде каде што се делат функции и привилегии.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ