сабота, 27 јули 2024
Дојче веле

На Зеленски му истекува мандатот: претседател до којзнае кога

Петгодишниот мандат на украинскиот претседател Володимир Зеленски завршува, но избори не се одржани. Можни ли се избори во услови на воена состојба и каква е улогата на Уставниот суд?

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На 20 мај истекува формалниот мандат на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Претседателските избори требаше да се одржат на крајот на март, но парламентот ги одложи поради воената состојба во земјата. Украинското општество дебатира за тоа кој ќе ја води земјата по истекот на петгодишниот мандат на Зеленски како претседател.

Во почетокот на годината само неколку политичари и коментатори се осмелија да го постават тоа прашање. На крајот на февруари, кога Зеленски ја даваше својата оценка за двегодишната војна со Русија, тој ги нарече обидите за оспорување на неговиот легитимитет како „непријателски наратив“. „Тоа не е мислење на западните партнери или на кого било во Украина, тоа е дел од програмата на Руската Федерација“, нагласи тој пред новинарите. Но дискусијата не заврши тука.

Избори под воен закон?

Повеќето украински правници велат дека е апсолутно јасно дека Зеленски ќе ја задржи својата власт додека не се избере нов претседател. „Во Уставот на Украина е јасно наведено: по истекот на петгодишниот мандат, од моментот на инаугурацијата, овластувањата на претседателот не престануваат автоматски. Тие завршуваат само со инаугурацијата на новоизбраниот претседател, односно дури по изборите“, објаснува за Дојче веле Андриј Махера, експерт по уставно право од Украинскиот центар за политички и правни реформи (ЦПЛР).

Во моментов, и претседателските и парламентарните избори се забранети во Украина – но од различни причини. Уставот забранува парламентарни избори, додека воената состојба ги забранува сите избори.

Доброволна оставка?

Изборите според воената состојба не се забранети само за да се заштитат гласачите од опасност. „Ограничени се и одредени уставни права и слободи, како што се правото на слободно изразување на мислење, мирно собирање и слобода на движење. Затоа, невозможно е да се обезбеди принципот на општо право на глас и слободни избори“, објаснува Махера.

Во март слично се изјаснија и Институтот за законодавство, научна и правна експертиза на Националната академија на науките на Украина, како и Централната изборна комисија на таа земја.

Меѓутоа, во дебатата не учествуваат само правниците, туку и ветерани од украинската политика, како Хрихориј Омелченко, кој во средината на 1990-тите беше член на парламентарната комисија за подготвување на уставот. Тој посочува дека не е пропуст што нема директна регулатива за продолжување на мандатот на претседателот. Напротив, вели тој, тоа е свесна заштита.

Во отвореното писмо до Зеленски објавено во весникот „Украина Молода“ во март, тој сепак го повикува претседателот „да не ја узурпира државната власт“, ​​односно да не ја приграбува – и доброволно да поднесе оставка во мај 2024 година.

Зеленски сѐ уште ужива голема поддршка

Сепак, легитимитетот на Володимир Зеленски, според набљудувачите, не се потпира само на законите, туку и на поддршката од украинските граѓани. Иако има одреден пад, поддршката и понатаму останува доста висока. Според истражувањето на украинскиот истражувачки центар „Расумков“ спроведено во јануари, 69 отсто од Украинците имаат доверба во државниот лидер, додека помалку од една четвртина немаат.

Друго истражување, претставено во почетокот на февруари од Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС), покажува дека 69 отсто од испитаниците веруваат дека Зеленски треба да остане претседател до крајот на воената состојба. Само 15 отсто се за одржување избори во сегашните услови, додека уште десет отсто ја поддржуваат идејата претседателот да му ги префрли овластувањата на претседателот на парламентот Руслан Стефанчук.

Антон Хрушчевски, директорот на КИИС, сепак оценува дека последните две сценарија претставуваат уште поголема опасност за легитимитетот на власта и дестабилизација на ситуацијата во Украина. „Милиони луѓе се во странство, милиони се под окупација, стотици илјади служат во армијата. Доколку граѓаните не можат да учествуваат како гласачи или кандидати на изборите, тоа ќе ја наруши легитимноста на изборните резултати“, посочува Хрушчевски.

Улогата на Уставниот суд

Мнозинството адвокати со кои разговарало ДВ сметаат дека Уставниот суд треба да ја прекине расправата за ингеренциите на претседателот и евентуалните избори. „Само Уставниот суд може да го толкува Уставот и да провери дали другите закони се во согласност со него“, посочува Андриј Махера.

Но, судиите на Уставниот суд не можат самоиницијативно да проверуваат вака важни прашања. Исто така, не може секој да ја започне оваа постапка пред Уставниот суд – тоа може да го направат претседателот, владата, Врховниот суд, група од 45 пратеници или собранискиот комесар за човекови права. Сепак, досега никој од нив не го сторил тоа.

Весникот „Џеркало Тишња“ на крајот на февруари објави, повикувајќи се на свои извори, дека кабинетот на Володимир Зеленски работи на барање до Уставниот суд, но не се осмелува да го поднесе самостојно. Наводно тоа треба да го направат 45 членови на претседателовата партија Слуга на народот.

Меѓутоа, од пратеничката група на таа партија се наведува дека никој не го доведува во прашање легитимитетот на претседателот. Дури и опозицијата покажува изненадувачки консензус. Претставниците на разни политички сили велат дека немаат намера да се обратат до Уставниот суд и потсетуваат на договорот на пратеничките групи дека избори нема да се одржат до крајот на воената состојба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ