сабота, 27 јули 2024

Британскиот суд денеска донесува конечна одлука за Асанж

Британскиот суд денеска треба да донесе конечна одлука за тоа дали основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, треба да биде екстрадиран во Соединетите Држави поради објавувањето мноштво тајни американски документи, што ќе претставува кулминација на 13-годишни правни битки и притвор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двајца судии во Високиот суд во Лондон ќе треба да одлучат дали веруваат во гаранциите на САД дека Асанж нема да се соочи со смртна казна и дали може да се потпре на правото на слобода на говор од Првиот амандман на американскиот устав доколку биде обвинет за шпионажа во САД.

Адвокатскиот тим на Асанж вели дека постојат три опции, тој или може да се најде во авион на пат преку Атлантикот во рок од 24 часа од пресудата, да биде ослободен од затвор или повторно да заглави во повеќемесечни правни битки.

Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски депеши, што е најголем безбедносен пропуст од ваков вид во историјата на американската војска.

Во април 2010 година, тој објави доверливо видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во 2007 година во кој загинаа десетина луѓе во ирачкиот главен град Багдад, вклучувајќи и двајца новинари на Ројтерс.

Американските власти сакаат да го изведат Асанж, со австралиско потекло, на суд по 18 обвиненија, речиси сите според Законот за шпионажа, тврдејќи дека неговите постапки со Викиликс биле непромислени, ѝ наштетиле на националната безбедност и ги загрозиле животите на агентите.

Неговите многубројни светски поддржувачи го нарекуваат обвинението пародија, напад врз новинарството и слободата на говорот и одмазда поради националниот срам. Групите за човекови права и некои медиуми, како и австралискиот премиер Антони Албанис и други политички лидери, побараа случајот да биде отфрлен.

Ако Високиот суд одлучи дека екстрадицијата може да продолжи, правните патишта на Асанж во Обединетото Кралство се исцрпени, а неговите адвокати веднаш ќе поднесат барање до Европскиот суд за човекови права за да побараат итна забрана за депортација додека тој суд не одлучи да ги сослуша сите страни во неговиот случај.

Од друга страна, ако судиите го одбијат американското барање, тогаш тој ќе може да поднесе жалба на екстрадицијата по три основи, што би можело да се најде на дневен ред дури следната година. Исто така, можно е судиите да одлучат дека на расправата треба да се разгледа не само дали може да се поднесе жалба, туку и каква би можела да биде содржината на таа жалба. Доколку во такви околности пресудат во негова корист, тој би можело да биде ослободен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ