недела, 19 мај 2024
Градоначалничката на Скопје ѝ врати на министерката за култура

Арсовска: Заканите на Костадиновска Стојчевска нема да ѝ поминат

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска на прес-конференција посочи дека не се плаши од заканите за тужба за клевета која денеска ја најави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Таа уште еднаш побара одговор каде, кога и од кого, е осигуран објектот на Универзална сала, на која вредност и за кои случаи на настанување на штета.

Објавено на

часот

Сподели

„Додека траше гасењето на пожарот министерката лично во изјава за медиуми истакна дека осознала за пожарот нешто пред 9 часот. Првото јавување во Бригадата за противпожарна заштита е од случаен минувач во 9:50 часот, по што противпожарната бригада во тоа време дојде на лице место и работеше на гаснење на пожарот. Таа самата ја побива своја изјава, дадена за сите медиуми во времето додека е опожарена салата“, рече Арсовска.

Таа потенцираше дека како градоначалник и како Град Скопје нема да ѝ поминат заканите за тужба.

„И покрај тоа што се обиде денеска да ја навреди целата администрација на Градот Скопје, за жал тоа нема да помине, затоа што ние укажувавме две години дека по тој проект кој некој друг го примил во Градот во март 2021 година, по кој што распишал јавна набавка и отпочнал со реализација на набавката, е увидено уште во првиот месец на отпочнување со работа дека е невозможно да се работи“, рече Арсовска.

Како што рече, по тој проект е утврдено дека сеизмичката заштита и самиот документ за сеизмичка заштита не може да продолжи да се работи, па затоа тоа позитивно мислење е укинато од страна на ИЗИС.

„Оној кој што ги прекршил законите не е Градот Скопје ниту кој било од Градот Скопје, туку оние кои во овој момент не одговараат на овие прашања“, додаде Арсовска.

Таа на прес-конференцијата денеска повторно го постави прашањето врз основа на кој проект се реконструирала Универзалната сала во моментот кога е опожарена.

„За проектот Универзална сала не се направила јавна набавка, односно проектот за Универзална сала е дониран на Градот Скопје во март 2021 година од страна на Мегарон Инженеринг на Бујар Муча. Истиот е прифатен од страна на Советот на Град Скопје. Потоа, распишана е јавна набавка за реконструкција на Универзалната сала која што е склучена со Универзал Балкан, овој договор за јавна набавка е активен до 12 септември 2023 година. По истекот на договорот, прикачен е на системот на Бирото за јавни набавки со известување дека овој проект е реализиран, завршен и трајно се архивира. Тоа значи дека во овој проект ниту јас како градоначалник, ниту кој било друг по овој момент не можат да пристапат ниту што било да менуваат“, рече Арсовска.

Таа останува на тврдењето од вчера дека во Секторот за јавни набавки при Град Скопје е увидено дека е направен неовластен упад во профилот на Град Скопје и во системот на јавни набавки на ЕСЈН во евидентната книга на Градот Скопје и тоа од страна на неовластени лица, на завршена јавна набавка, на истечен договор за јавна набавка и на трајно затворени и архивирани документи во 2023 година.

„Некој си го злоупотребил системот и на самиот профил на Град Скопје си додавал документи во друга календарска година, односно во 2024 година и истите тие ги содржат податоците на Министерството за култура со бизнис партнерот Универзал Балкан, а спротивно на законот за јавни набавки“, посочи Арсовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ