четврток, 4 јули 2024

Во Европа се гради најголемиот подводен тунел во светот (ВИДЕО)

Данска и Германија се чекор поблиску до поврзување со најдолгиот подводен железнички и патен тунел во светот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што пишува Јуроњуз, данскиот крал Фредерик Десетти денеска свечено го отвори првиот елемент од идниот 18-километарски тунел под Балтичкото Море. Ќе ја поврзе јужна Данска со северна Германија и ќе придонесе за зелена транзиција на транспортниот сектор.

Тунелот Фемарнбелт, кој се очекува да биде отворен во 2029 година, исто така ќе го скрати патувањето од сегашното 45-минутно возење со траект на само седум минути со воз.

Ќе го поврзе Родби на данската страна со Путгартен во Германија, со понатамошни патни и железнички врски со централна Европа и нордиските земји.

Фредерик ја откри плочата на влезот во првиот дел од тунелот долг 217 метри, кој подоцна оваа година ќе биде потопен на морското дно на данската страна.

Тунелот ќе вклучува електрифицирана железничка пруга, а се очекува дека автомобилите ќе можат да го преминат Балтичкото Море за 10 минути по четири ленти, додека возовите тоа ќе го сторат за седум минути.

Во 2011 година, беше одлучено дека треба да се изгради врска помеѓу јужниот дански остров Лоланд и северниот германски остров Фемарн. Работите на данска страна беа потврдени во јули 2022 година, а на германска точно една година подоцна. Тунелот ќе се состои од 89 бетонски елементи кои се градат во посебен објект во Родбихавн на Лоланд, Данска, кој сега е наречен најголемото градилиште во Северна Европа.

Врската Фемарн ќе чини 55,1 милијарди дански круни (4,8 милијарди евра). Данската влада во подоцнежна фаза ќе одлучи за патарината за тунелот.

Во последниве години, Данска изгради патни и железнички врски со соседна Шведска и меѓу два големи дански острови.

Во 2000 година, врската мост-тунел преку теснецот Оресунд го поврза Копенхаген со третиот по големина град во Шведска, Малме, а во 1998 година се отвори патниот сообраќај помеѓу островот Фунен, дом на Одензе, третиот по големина град во Данска, и Зеланд, домот на Копенхаген. Железничкиот сообраќај таму беше отворен една година порано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ