среда, 3 јули 2024

Бајден: Трамп има морал на улична мачка; Трамп: Овој човек е криминалец

Актуелниот претседател на САД, демократот Џозеф Бајден и републиканскиот кандидат и поранешен шеф на државата Доналд Трамп се соочија за време на првата дебата во кампањата за ноемвриските избори, организирана од Си-ен-ен во Атланта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За прв пат во американската историја се случува нејзините учесници да бидат сегашниот и поранешниот претседател на државата.

Бајден и Трамп не се ракуваа пред почетокот на дискусијата.

Кандидатите меѓусебно се обвинуваа за лажни тврдења за теми кои се движат од прашањата на ветераните и безбедноста на границите до состојбата на американската економија и инфлацијата.

Трамп постојано го напаѓаше Бајден за неговото управување со економијата и надворешната политика. Актуелниот претседател ги истакна неодамнешните кривични пресуди на Трамп и фактот дека тој го смета републиканскиот кандидат за „закана за демократијата“.

Се чинеше дека Бајден за неколку моменти го изгуби текот на мислите, а имаше и проблеми со зарипнат глас, кој според неговиот изборен штаб бил последица на настинка.

Речиси сите истражувања на јавното мислење од претходните недели и месеци покажуваат дека изборите на 5 ноември ќе бидат многу неизвесни.

Бајден рече дека се сомнева дека Доналд Трамп ќе ги прифати резултатите од изборите во 2024 година, доколку загуби, нарекувајќи го поранешниот претседател „плачко“.

„Тој не може да поднесе пораз“, рече Бајден. „Нешто пукна во тебе кога последниот пат загуби“.

На прашањето дали ќе ги признае резултатите од изборите, без разлика кој ќе победи, Трамп директно не одговори. Тој неколку пати истакна дека ќе ги прифати резултатите „доколку бидат фер, легални и добри избори“, но го осуди политичкото насилство како „целосно неприфатливо“.

Бајден рече дека Трамп му оставил пропадната економија, со зголемена невработеност. „Моравме одново да ги составиме работите“, рече тој, додавајќи дека работите биле „ужасни“ под Трамп и дека тој „воопшто и не направил нешто многу“, а неколку пати го користеше зборот „хаос“.

Трамп одговори дека САД имале „најголема економија“ кога тој бил на функција. „Ковид нè погоди, а кога тоа се случи, ги потрошивме потребните пари за да не завршиме во голема депресија“. „Сè беше добро“, рече тој, пред да го нападне Бајден за неговата ковид политика и економска програма.

Бајден рече дека за време на неговиот мандат американски војници не гинеле никаде во светот, додека Трамп изјави дека повлекувањето на војниците од Авганистан е „најсрамниот ден во историјата на животот на нашата земја“.

Говорејќи за абортусот, Бајден рече дека укинувањето на пресудата Ро против Вејд е „страшна работа“. „Големо мнозинство уставни експерти го поддржаа Ро против Вејд кога беше одлучено“, рече Бајден.

Тој вели дека абортусот е одлука на жената во разговор со нејзиниот лекар и вети дека ќе го врати Ро против Вејд доколку биде реизбран. „Ниеден политичар не би требало да ја донесува таа одлука“.

Трамп рече дека нема да ги блокира лековите за абортус, истакнувајќи дека Врховниот суд само го потврди правото на лекови.

Тој повтори дека сите сакаат државите да одлучат дали абортусот треба да биде легален. „Секој научник… сакаше да се врати тоа во државите. Сега државите го прават тоа“.

Зборувајќи за мигрантите, Бајден ја критикуваше администрацијата на Трамп за разделбата на семејствата што се случуваше за време на неговата администрација. „Сега сте во ситуација кога 40 отсто од луѓето илегално ја минуваат границата. Ова е подобро отколку кога тој ја напушти функцијата“, додаде тој.

Трамп рече дека имиграциската политика на Бајден и политиката „отворени граници“ придонеле за зголемување на криминалот. „Мораме да протераме многу од овие луѓе и мораме да го направиме тоа брзо, бидејќи тие ќе ја уништат нашата земја“, рече тој.

Трамп прв зборуваше за надворешната политика, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин одлучил да изврши инвазија бидејќи видел колку е неспособен тимот на Бајден за време на излегувањето од војната во Авганистан. Кога Путин го виде тоа, рече: „Знаете што, мислам дека ќе влеземе“, вели Трамп.

На прашањето за Газа, тој одговара дека Израел треба „да ја заврши работата“ и дека не би имало конфликт доколку тој беше американски претседател.

Бајден го обвини Трамп дека му рекол на Путин да прави „што сака“, што тој негираше.

Актуелниот шеф на државата изјави дека Владимир Путин е „воен злосторник“ кој сака повторно да воспостави дел од „старата советска империја“.

„Мислите дека сака да застане таму (Украина)?….што мислите дека се случува со Полска, Белорусија, на земјите од НАТО?“.

Бајден ја извлече својата препознатлива фраза кога Трамп го обвини за руската инвазија на Украина.

„Никогаш во животот не сум слушнал толку многу глупости“, рече Бајден.

Тој, исто така, изјави дека Хамас е единствениот кој не сака да заврши војната во Газа, повторувајќи ја својата силна поддршка за Израел, истовремено наведувајќи дека тие мора да се грижат за цивилните жртви.

Бајден вели дека Трамп ги „охрабрил“ бунтовниците да упаднат во Капитол на 6 јануари 2021 година. Тој вели дека поранешниот претседател не направил ништо „три часа“, додека тогашниот потпретседател Мајк Пенс го „молел“ да направи нешто, да повика да престанат и да се повлечат. „Наместо тоа, тој велеше дека овие луѓе се големи патриоти на Америка“, рече Бајден и додаде дека бунтовниците треба да бидат во затвор и да одговараат.

Трамп ги бранеше своите постапки за време на немирите на 6 јануари во зградата на Капитол, кога неговите поддржувачи упаднаа во зградата во обид да спречат мирно предавање на власта по неговиот изборен пораз.

Како одговор, Трамп рече дека угледот на САД настрадал под Бајден – но првично не одговори директно на прашањето за денот на самиот упад. „Реков „мирно“ и „патриотски““, додаде Трамп.

Бајден ја спомена и неодамнешната судска одлука со која Трамп беше кривично осуден во Њујорк по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги. „Има само едно лице кое е осудено за кривично дело и сега го гледам“, рече тој.

Бајден додаде дека Трамп има „морал на улична мачка“ во врска со неговата наводна врска со Сторми Даниелс, поранешна порно ѕвезда, што Трамп го негира.

Трамп се обиде да го разјасни своето ветување дека „ќе тргне по своите политички противници“ доколку стане претседател, велејќи дека неговата одмазда ќе ги направи САД повторно успешна нација.

Тој, исто така, ја спомена неодамнешната кривична пресуда против синот на Бајден, Хантер и предложи претседателот Бајден, исто така, да биде осуден за кривично дело „штом ќе ја напушти функцијата“ поради неговото „ужасно“ однесување како претседател.

„Овој човек е криминалец“, рече Трамп за Бајден. „Не направив ништо лошо“, одговори Бајден.

Запрашан да ја коментира загриженоста на гласачите за неговата возраст, Бајден рече: „Овој човек е три години помлад и многу помалку компетентен“.

На ова следеше одговорот на Трамп кој рече дека успешно завршил два когнитивни теста на когнитивните способности.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ