четврток, 5 декември 2024

Заврши велешката „Питијада 2024“

Со голем огномет над градот синоќа во 1:30 по полноќ заврши програмата на годинашниот Фестивал на велешка пита пастрмајлија  и македонски вина „Питијада 2024“, што го организира Општина Велес. Годинава учествуваа 17 ресторани од градот и винарии од регионот.

Објавено на

часот

Сподели

Од Општина Велес информираат дека фестивалот одлично поминал сите три дена, од 11 до 13 октомври, со најголема посетенст во саботата, кога имаше концерт Саша Ковачевиќ. Додаваат дека бил срушен досегашниот рекорд по посетеност на велешката „Питијада“.

Александра Андреева од Организациониот одбор потенцира дека бројките на посетеност, изедени пити и испиено вино допрва ќе се сумираат, по што ќе бидат објавени за медиумите.

„Се помина одлично и ние како организатори сме задоволни од реализираното. Имаше огромна посетеност на гости од целата држава, па и гости од странство. Сите посетители, како што ни изјавија на нашата Фејсбук страна и во директен разговор со нив, многу им се допаднала програмата која била за сите генерациии, а одлично ја оценија и понудата од угостителите и винариите“, потенцира Андреева.

Синоќа во забавниот дел како последни настапија групата С.А.Р.С., а пред нив настапија Елена Ристеска, Благоја Грујовски и Огнен Здравковски.

Во рамките на годинашната „Питијада“ во саботата се одржа и веќе традиционалната изложба на олдтајмери, која предизвика голем интерес кај посетителите од сите генерации. Вчера  се одржа  и 11-та Рекреативна велосипедска тура „Велес МТВ TOUR 2024“ која ја  организира Здружението „Велес Бајкиг“. Учествуваа повеќе рекреативци од сите возрасти, а стартот беше кај Винарија „Шато Сопот Македонија“.

Организаторот Општина Велес потенцира дека годинава првпат во рамки на „Питијадата“ 2024 се одржа и Саем на рачни изработки кој, како што велат, одлично поминал и за кој се планира да прерасне во традиција со уште поголем број на излагачи на рачни изработки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ