„Втората вечер слушнавме вкупно 20 композиции. Целиот фестивал беше придружуван од оркестар во живо, и музиката и интерпретацијата на пејачите и групите беше во живо. Оркестарот дополнително свираше врз матрица. Синоќа ја доделивме и наградата за најслушната композиција меѓу двата фестивала, тоа е песната „Сафир“ на Таско и Малена“, изјави продуцентот на фестивалот Алексадар Арсовски.
Тој за МИА додава дека е задоволен како годинава изгледаше и помина 39. издание на „Макфест“. Вели дека по веднаш по завршувањето на 39. издание, почнуваат со планови и подготовки за 40-тото јубилејно издание на Фестивалот. Открива дека како организатори планираат наредната година во чест на големиот јубилеј на фестивалот да има три фестивалски вечери, од кои две како годинава, а на третата ќе бидат изведени околу 20 макфестовски евергирани.
Синоќа на сцената можеа да се видат и познатите македонски пејачи и пејачки, со новите макфестовски хитови, како што се Дарио, Елена Ристеска, Дани Димитровска, Полина, Павле Камиловски и други познати интерпретатори, а беспрекорни беа и водителите Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски.
Фестивалот „Макфест“ финансиски е поддржан од Општина Штип и општествено- одговорни компании во висина од пет милиони денари, а од Министерството за културата и туризам финансиската помош е еден милион денари.