Според Државниот инспекторат талогот од нафта бил истурен нелегално од фирмата „Флауер пауер“, фабрика за медицински канабис, при отстранување стара цистерна за нафта.
„При увидот, констатирано е дека на локацијата која е нелегално ‘одлагалиште’ на цврст отпад, има остатоци од нафтен дериват кој е измешан со земја. Северно кон селото Лабуништа има создадено вир од вода во кој се видливи мрсни дамки на површината од водата, во пречник од околу два квадратни метра, и на страните од брегот има наслојки од нафтениот дериват, кои се останати при намалување на водостојот во вирот од вода“, соопшти ДИЖС.
Објектот на „Флауер пауер“ е во изградба.
„Објектот сè уште не почна со работа, а во надворешниот дел се наоѓа бетонска јама во која имало стара цистерна за чување гориво, која била отстранета за старо железо во отпад. Подот е тампониран и на еден дел од ѕидната површина има остатоци од нафтен дериват. Исфрлениот отпаден нафтен дериват помешан со земја претставува опасен отпад, треба веднаш да се отстрани од овластено лице за постапување со опасен отпад, а правниот субјект, во рок од седум дена, да достави доказ дека цистерната за гориво е отстранета на соодветно место. Доколку не се постапи по решението, следува законска прекршочна санкција, а за веќе утврдената законска повреда ќе следува соодветна санкција согласно со законските прописи“, велат од ДИЖС.