сабота, 28 септември 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Вештачка глупавост

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Додека целиот свет развива вештачка интелегенција, Апсурдистан реши да направи решителен исчекор во невровиртуелните технологии и разви револуционерен софтвер: вештачка глупавост. Секако, алгоритамот на софтверот беше строго чувана тајна; самата технологија, пак, со години тајно беше развивана со мапирање на мозоците на најпогодните Апсурдистанци за овој проект, неговите највисоки функционери, при што најрелевантните податоци беа собрани од двајцата најславни апсурдистански премиери, Големиот Зајак и Надзајакот.

Откако вештачката глупавост беше пуштена во оптек, базата на податоци беше внимателно надополнувана со достапните изводи пред сѐ од јавните функционери на Апсурдистан, но и од политичката опозиција; не помалку релевантни беа и изводите од новинарската и експертската фела.

Набргу вештачката глупавост најде широка примена во сите сфери на животот во Апсурдистан: почнувајќи од експресно наоѓање паркинг-место на зелена површина или на плочникот пред зграда, наоѓање на најкратката можна дестинација со моторно возило преку парк, пешачка или велосипедска патека, па сѐ до решавање на сложени проблеми, како на пример подобрување на управувањето со ресурси преку нивно експресно раз(про)давање, решение на проблемите со животната средина со нејзино уништување, решение на проблемот со невработеноста и нискиот животен стандард на младите (и не толку младите) со нивно експресно иселување од државата – или, како што велеше алгоритамот на вештачката глупавост: ако има проблем, полесно е да го отстраниш тој што страда од проблемот, одошто тој што го причинува! Најново во низата решенија произлезени од софтверот на вештачката глупавост беше реформата на новиот апсурдистански премиер, кој реши да ја намали административната ентропија преку нејзино зголемување, имено со воведувње на нови министерства, од кои едното е министерство за министерување, или стручно кажано, за администрација. Или, како што велеше алгоритамот на вештачката глупавост: башибозук со башибозук се решава!

Како и вообичаено, се јавија активистите за човекови права, кои и овој пат протестираа енергично заради неправична етничка, родова и безродова застапеност. Единствено граѓанинот Шљупков не протестираше што не е застапен во базата на податоци на вештачката глупавост. Впрочем, граѓанинот Шљупков обично не протестираше за ништо…

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Соња Стојадиновиќ

 Денешните битки за утрешната безбедност

Ристо Цицонков

Клупи на кејот на Вардар, испариле?!

Рајко Пеколски

Климатска басна

Мурат Алиу

Национализмот како неизлечива балканска болест

Стефан Вељановски

Како да се подобри трговската структура на Македонија

Ристо Цицонков

Термоелектрани на јаглен, до кога?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ