вторник, 2 јули 2024
Александар Стојановски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Советот на Европа носи одлуки за поранешната нивна членка – Русија

Во април и официјално почна со работа „Регистарот на штети предизвикани од агресијата на Руската Федерација кон Украина“ (the Register of Damage Caused by the Aggression of the Russian Federation against Ukraine, RD4U), според минатогодишната одлука на Советот на Европа. Оваа одлука е донесена лани иако Русија го напушти Советот на Европа уште во март 2022 година. Одлуките на Советот на Европа за Москва немаат правна сила и не се обврзувачки.

Ова не претставува никаква пречка за бирократите на Советот на Европа, па одборот на тој т.н. регистар во јуни реши да отвори 12 нови категории за побарувања против Русија.

Како почна овој најнов проект на СЕ?

Според Советот на Европа овој регистар на штети во Украина треба да биде првиот чекор кон создавање механизам за компензација на жртвите од руската агресија. Одлуката беше донесена на 17 мај на самитот на шефовите на држави или влади на членките на Советот на Европа во Рејкјавик.

Досега 40 земји членки на СЕ и на Европската Унија се приклучија или изразија намера да се приклучат на регистарот. Главното седиште на регистарот е во Хаг, а канцеларии ќе има и во Украина. За почеток, регистарот е формиран за период од три години, а неговиот мандат е да собира докази и да регистрира побарувања поврзани со материјална штета, загуби или повреди предизвикани од рускиот напад на Украина. Регистарот треба да создаде услови за воспоставување на иден сеопфатен механизам за компензација на жртвите на руската агресија.

Трошоците за работа на регистарот ќе бидат на товар на ЕУ, која на самитот во Исланд беше претставена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Од вкупно 46 членки на Советот на Европа, 37 членки, како и САД, Јапонија и Канада се приклучија на резолуцијата за регистарот на штети. Членовите на СЕ Андора, Бугарија и Швајцарија ја изразија својата намера да се приклучат, додека Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Турција, Ерменија и Азербејџан не се на списокот членки на Советот на Европа кои го прифатија формирањето на регистарот.

На прашањето дали Русија навистина ќе ги сноси последиците, претседателот на Исланд Гвидни Јоханесон одговари: „Не знам, ќе видиме“.

Шефот на српската Мисија во Советот на Европа, амбасадорката Александра Ѓуровиќ изјави дека самитот во Рејкјавик се одржа во најтажни околности досега, конфликт во Европа меѓу два, за Србија, братски народи.

„Граѓаните на Србија сочувствуваат со страдањата и загубите на сите жртви на овој брутален и непотребен конфликт и во оваа прилика апелираат до сите оние кои имаат некакво влијание врз неговиот тек да го искористат за што поскоро прекинување“, рече Ѓуровиќ и додаде дека и Србија, за жал, е доведена во ситуација да размислува за значењето и формите на нејзиното членство. Ѓуровиќ потсети дека „за приемот на т.н. Косово во оваа организација 13 земји-членки на СЕ беа воздржани од оваа одлука, а седум изразиле експресно противење“.

„Неподготвеноста на критичниот број членки да ја заштитат неповредливоста на границите на сите, повторувам, сите членки на Советот на Европа, ја наведува Република Србија да се воздржи од усвојување на Декларацијата на лидерите на Советот на Европа. Србија се оградува од двојните стандарди во однос на почитувањето на меѓународното право и принципот на неповредливост на границите. Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина, Грузија и Молдавија во нивните меѓународно признати граници, но има и обврска да го почитува и да го брани сопствениот територијален интегритет, па затоа нема да отстапи од ниту еден дел од својата територија. Останува на земјите-членки да одлучат дали во иднина ќе се потпираат на единството на организацијата само за своја погодност и селективно ќе ги толкуваат основните вредности или ќе сфатат дека отстапувањата од почитувањето на принципите водат кон неконтролирани меѓународни настани на кои, за жал, денес сме сведоци“, заклучи амбасадорката Ѓуровиќ.

Непочитувајќи ги токму тие принципи, Западот се обидува да го направи регистарот прва компонента на новиот меѓународен механизам за компензација. Функционирањето на регистарот создава основа за конфискација на странски средства.

Создавањето на регистарот е само уште еден обид на Западот да го легитимира запленувањето на руските златни и девизни резерви и средства сместени во американски и европски банки. Ова е уште еден пример за директно кршење на меѓународното право. Ваквите акции го поткопуваат имиџот на Западот како сигурен партнер во очите на државите.

Голем број европски земји одбија да ја поддржат резолуцијата на Советот на Европа за создавање на Регистарот како очигледно неостварливо решение. Меѓу нив се Унгарија, Турција, Ерменија, Азербејџан, како и нашите соседи Србија и Босна и Херцеговина. Тие ја покажаа својата подготвеност да ги бранат своите национални интереси и да водат независна надворешна политика, и покрај притисокот од САД и нивните сојузници. Токму овие земји го потврдуваат вистинскиот фокус на постигнување мир во украинскиот конфликт.

Можеби и Македонија треба да води понезависна надворешна политика?

Александар Стојановски, Брисел

КОЛУМНИ

Светлана Јовановска

Како Макрон ја турна нацијата во ризик

Вештачка глупавост

Весна Мојсова-Чепишевска

Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето...

Димитар Љоровски Вамваковски

За Сиригос и Хатзивасилиу Договорот од Преспа е договор за концепти,...

Ристо Цицонков

„Климатска бирократија“

Андреј Дамески

ВИ под лупа: дигиталниот екосистем, ЕУ и Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ