Потполковникот Авихаи Адраи, израелскиот воен портпарол за арапски јазик, заедно со повикот објави список на населби кои треба да се евакуираат.
Израелските медиуми објавија за кои населби станува збор и објавија дека повикот дошол откако утрово биле истрелани најмалку дваесет ракети од Кан Јунис кон израелските погранични населби.
Военото крило на палестинската организација Исламски џихад ја презеде одговорноста за ракетниот напад.
„Околу 20 проектили се идентификувани дека доаѓаат од секторот Кан Јунис. Голем број проектили беа пресретнати, други паднаа на југот на Израел“, соопшти израелската војска, додавајќи дека нема повредени и дека за возврат гаѓала со артилерија на територијата од каде биле истрелани ракетите.
Бригадите Ал Кудс, военото крило на Исламскиот џихад, соопштија дека извршиле концентриран ракетен напад врз израелските населби околу Појасот Газа како „одговор на злосторствата на ционистичкиот непријател“ против палестинскиот народ.
Исламски џихад се бори во Појасот Газа заедно со Хамас против израелската војска од 7 октомври минатата година.