четврток, 25 јули 2024
Светлана Јовановска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како Макрон ја турна нацијата во ризик

Се чини дека политичките партии, по шокот и во екстремно кус период, почнаа да сфаќаат дека екстремната десница е на само еден чекор од власта. И почнуваат да се мобилизираат со желба да го избегнат хаосот што настапи по распуштањето на Асамблејата.

„Дали сте вие луд?“ Ова е прашањето што на 11 јуни, на претседателот на Франција Емануел Макрон му го постави „Фигаро Магазин“, сериозен медиум, близок до француската десница.

Самото прашање е показател на атмосферата што ја креираше најавата на Макрон за распуштање на Асамблејата веднаш по објавувањето на резултатите по изборите на кои Франција бираше свои претставници во Европскиот парламент (ЕП).

Едногласната реакција на целата политичка класа во Франција, без ниту еден исклучок, беше – национален шок! На сите нивоа. Освен неколкутемина советници на Макрон, никој не беше во тек со одлуката за распуштање на Парламентот и свикување на нови национални избори. Дури и премиерот, младиот Габриел Атал, остана зачуден по оваа најава. Реакциите на граѓаните беа обоени со голема лутина па дури и Брижит Макрон беше исвиркана за време на погребот на славната пејачка Франсоаз Харди.

Накусо, претседателот ја турна нацијата во голем ризик.

Ќе биде ли Франција втората земја основач на ЕУ со екстремно десен премиер и влада? Ќе мора ли Макрон да ги инаугурира Олимписките игри закажани за ова лето, заедно со 28 годишниот Џордан Бардела кој е кандидат за премиер?

Шампањско за Ле Пен

Единствената политичка формација која отвори шампањско на тој ден беше, без сомнеж, екстремната десница на Марин Ле Пен и на новиот млад претседател на Националниот собир Џордан Бардела.

На 9 јуни победа на изборите славеа токму тие. Националниот собир успea да освои 30 седишта во ЕП со 31 отсто гласови. Далеку зад нив, со само 14,6 отсто и 13 седишта беше листата што ја водеше Валери Ајер, кандидатката на претседателот Макрон, на трето место со 13.83 отсто и со 13 седишта беа социјалистите а на четврто со 9,89 отсто и 9 седишта радикалната левица.

По нив, следат десницата со 7.25 отсто и 6 седишта, потоа зелените со Европа екологија со 5,5 отсто и 5 седишта, и на крајот со 5 седишта и 5,47 отсто е уште една екстремно радикална десна опција што ја водат Марион Марешал (внука на Марин Ле Пен) и Ерик Земур. Иако двете екстремно десни опции можеби нема да се најдат во иста политичка група во ЕП, нема сомнеж дека нивната идеологија е слична.

Денес сите анкети, речиси без исклучок, предвидуваат уште поголема победа на Националниот собир и трето место за претседателската партија на Макрон што го носи името Ренесанса.

Според анкетата на ИПСОС, по нарачка на медиумите Франс Инфо и Паризиен, Националниот собир ќе освои 31 отсто, зад нив е здружената левица Новиот народен фронт со 29,5 отсто а на трето место е Ренесансата на Макрон со 19,5 отсто.

Резултатите од првиот изборен круг одржан на 30 јуни горе-долу ги поткрепуваат овие прогнози. Во првиот круг, Национален собир постигна уште една убедлива победа и е на чекор кон освојување на апсолутно мнозинство.

Макрон не може да поднесе неуспех

Во едно интервју претседателот Макрон ги објаснува двете причини што му се чинеле добри за да распише избори. Според него, изборите ќе покажат дека Националниот собир не е подготвен да владее и дека Французите ќе знаат за кого не треба да гласаат а за кого да гласаат. Но, и високиот резултат на Националниот собир.

Според аналитичарите, обидите на Макрон да го прошири своето релативно мнозинство во Асамблејата не успеале во неговиот втор мандат и овој обид, како што пишува „Фигаро Магазин“, е еден вид „државен удар“ со кој Макрон се обидува да ги натера гласачите да гласаат онака како што тој мисли дека треба.

Извор: britannica.com

И министрите на Макрон беа изненадени од оваа одлука, исто како и нацијата. Некои не се колебаа да ја критикуваат одлуката, како министерот за економија Бруно Ле Мер. Тој ја пренесе реакцијата на многумина негови колеги од Владата а таа е „загриженост, неразбирање па дури и лутина.“

За голем број аналитичари, одговорот не е во тоа дали претседателот е луд или ментално здрав, туку во неговата психологија. Алексис Брезе, уредник во дневникот „Фигаро“, тврди дека Макрон досега нема загубено и не може да поднесе неуспех. Тоа однесување за Макрон значеше успех, но во неговиот втор петгодишен мандат, тоа однесување се претвори во товар.

Во 2017 година, кога Макрон се најде во вториот круг со Марин Ле Пен, како и по изборите во 2022 година кога Ле Пен освои уште повеќе гласови, претседателот им вети на Французите дека ќе го уништи Националниот собир. Французите навистина масовно гласаа за него во вториот круг, главно поради тоа ветување. Но, Националниот собир не само што не беше поразен туку на последните европски избори забележа историски успех, со над два пати повеќе гласови од кандидатката на Макрон.

Што се однесува до социјалистите, Макрон практично ја растури неговата поранешна партија во 2017 година кога дојде на власт. Но овој пат, кандидатот на социјалистите Рафаел Глуксман, имаше 14 отсто гласови, односно само еден процент помалку од кандидатката на Макрон, Валери Ајер.

Макрон се надеваше дека републиканската десница ќе остане зад него. Наместо тоа, претседателот на Републикаците Ерик Сиоти, отиде кај Марин Ле Пен а другите решија да настапат без поддршка на претседателот.

Левицата, која што до пред некој ден беше расцепкана во повеќе движења (комунисти, зелени, социјалисти итн), успеа за само неколку дена да најде заеднички јазик за претстојните избори. Накусо, се чини дека засега стратегијата на Макрон не успева.

Претседател што сака да креира историја

Неговите изјави, како кога на Французите им вели дека е нивна задача да ја донесат одлуката на избори, сведочат дека претседателот сака да ја креира историјата. Според познавачите, со овие изјави Макрон се обидува да ја избегне одговорноста за евентуалната загуба и ја префрла кај граѓаните.

Сепак, се чини дека политичките партии, по шокот и во екстремно кус период, почнаа да сфаќаат дека екстремната десница е на само еден чекор од власта. И почнуваат да се мобилизираат со желба да го избегнат хаосот што настапи по распуштањето на Асамблејата.

Стратегијата на Макрон е всушност самиот шок што тој го предизвика со распуштање на Асамблејата со непоколеблива надеж дека граѓаните ќе сфатат дека не им е во корист да влезат во екстремно десна авантура. Бардела одржа прес конференција на 24 јуни за да ги увери граѓаните дека Националниот собир е подготвен да владее. Тој ги најави приоритетите на својата влада, засновани на куповната моќ, на воспоставување ред и менаџирање на имиграцијата.

Тој, исто така, вети забрана за мобилни телефони и воведување униформи во училиштата. Што се однесува до надворешната политика, Бардела рече дека Националниот собир се противи на испраќање француски трупи во Украина но ќе продолжи да обезбедува логистичка и материјална поддршка.

Тактичката несмасност и цинизам на Макрон

Не е новост дека Макрон е циничен а во овој чувствителен и ризичен период, тоа однесување е неприфатливо за граѓаните. Ден по објавата која ги изненади сите, Макрон беше во селото Горна Виена каде на 10 јуни 1944 година населението беше масакрирано од нацистите и каде се одржуваше комеморација на жртвите на нацистите кои биле застрелани во нозете а потоа живи запалени. Новинарите што го следеле настанот слушнале неколку реченици од разговорот помеѓу Макрон и директорот на голема фирма, близок до претседателот. „Мора да ви се тешки овие денови?“, прашал директорот. „Не, воопшто не! Ова го планирам со недели и воодушевен сум. Ја фрлив мојата граната под нивните нозе. Сега ќе видиме како ќе се снајдат“, одговорил Макрон со насмевка.

Најголемиот број француски аналитичари се согласуваат дека Макрон има свој придонес во банализирање на идеите на екстремната десница. Така на пример, Макрон неодамна, зборувајќи за левицата, го употреби зборот „имиграционизам“ и „имиграционист“. Зборови што досега беа дел од речникот на екстремната десница. До пред неколку години во Франција беше срамота да се каже отворено дека во земјата нема место за странци и ретко кој во тоа време беше подготвен пред камера да признае дека гласал за Ле Пен. Денес тој срам е исчезнат.

Треба да се спомене дека Макрон два пати дебатираше со Ле Пен убеден дека со својата интелектуална и говорничка способност ќе успее да ја победи. Макрон навистина се покажа интелектуално надмоќен но самиот факт што седнува да дебатира со Ле Пен, за гласачите беше знак дека таа е единствената вредна опозиција. Накусо, ако имате желба да го казните претседателот, морате да гласате за неа. А разочараните од Макрон се бројни.

Имиграцијата е вториот елемент на тактичката несмасност на Макрон во растот на популарноста на Националниот собир. Колку повеќе тој ставаше акцент на имиграцијата и носеше мерки достојни на екстремната десница, толку повеќе растеше приврзаноста на гласачите кон Ле Пен. Накусо, гласачите го даваат својот глас за оригиналот а не за копијата.

Дали Макрон ќе го загуби овој облог со граѓаните? Според анкетите, на 7 јули вечерта победата ќе ја однесе Националниот собир а младиот Џордан Бардела ќе стане премиер и ќе мора да кохабитира со Макрон. Ако ова сценарио се реализира, прашањето на кое ќе треба да одговори Макрон е дали ќе издржи до крајот на својот мандат, уште цели три години, на чело на државата? Но тој секако ќе влезе во историјата – како најумешниот или најневештиот претседател на Франција.

Светлана Јовановска

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ