вторник, 24 септември 2024

Собранието одлучи, нема вонредни избори за градоначалници во Аеродром, Сарај и Гостивар

Владејачкото мнозинство заедно со пратениците од  опозицискиот фронт на ДУИ ги изгласаа законските измени со кои се овозможува да нема избори за градоначалници во Аеродром, Сарај и Гостивар со што вршителите на должноста градоначалник на таа времена функција ќе останат до редовните локални избори наредната година. Измените на Законот за локална самоуправа ги наметнаа партиите кои по парламентарните избори составија Влада, откако тогашните градоначалници на Аеродром и Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари избраа да станат министри, а Блерим Беџети од ДУИ градоначалничката функција во Сарај ја замени со пратеничката.

Објавено на

часот

Сподели

Собранието со 83 гласа „за“ и 17 „против“ денеска го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, по скратена постапка.

Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети на денешната седница истакна дека причината поради која Европскиот фронт ќе ги поддржи измените се да не ги малтретираат граѓаните да гласаат и да не се трошат дополнителни средства. Тој наведе и уште една причина.

„Ќе гласаме за имајќи предвид дека ние имаме спор на национален аспект околу легитимитетот, но и заради уставните измени кои што не се споменуваат никаде. Нормално, и да не трошиме дополнителни средства, тие пари може да бидат користени за градинки, училишта како и од аспект на многу амандмани кои ги предложивме за ребалансот. Со буџетот кој што ќе следи верувам дека тие средства ќе се потрошат за доброто на граѓаните“, рече  Беџети.

Измените на Законот за локална самоуправа се донесени со двотретинско мнозинство, а во Собранието ги предложија координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратениците Халил Снопче од Вреди  и Бобан Карапејовски од ЗНАМ.

Мицевски, во образложение на потребата од законските измени при утврдување на дневниот ред на собраниската седница на 14 септември, рече дека со нив треба да се овозможи да нема избори за нов градоначалник до редовните избори ако има помалку од 12 месеци. Станува збор, како што потенцираше, за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори до октомври следната година.

„Со членот 4 се уредува преодно решение за постапката за распишување нови избори за градоначалник, поради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи во предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални,  продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, рече Мицевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ