„Политичката одлука ќе биде донесена во Саборот, во разговор со премиерот и во разговор со претседателот на државата. Кога таа политичка одлука ќе биде дефинирана, дека тоа е од 1 јануари, почнуваме со 1 јануари“, им кажа на новинарите Анушиќ, потпретседателот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
Тој повтори дека министерството за одбрана ги исполнило сите предуслови за задолжителниот воен рок да биде воведен на почетокот на 2025 и дека се спремни три локации за сместување на идните војници – во Пожега, Сињ и Книн.
Изрази уверување дека на двомесечно служење на воениот рок годишно ќе бидат упатени меѓу 17.000 и 18.000 повици до хрватските момчиња постари од 18 години и додаде дека останува можноста на повикување на приговор на совеста.
Анушиќ кажа дека трошокот за основно воено образование треба да биде помал од пет милиони евра по генерација.
Во хрватска јавност веќе некое време се зборува за враќање на задолжителниот воен рок. Еден од најголемите заговорници за тоа е токму Анушиќ, кој неколку пати најави враќање на задолжителниот воен рок од почетокот на идната година.
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, од опозициската Социјалдемократска партија (СДП), повеќе пати изјави дека нема ништо од враќањето на воениот рок без разговор и договор со него како претседател на државата и врховен командант.
Милановиќ го обвини премиерот Андреј Пленковиќ, претседателот на ХДЗ, дека се обидува да го заобиколи при донесувањето на одлуката и дека со тоа го крши уставот. Милановиќ кажа дека начелно не е против враќањето на задолжителниот воен рок, но праша „зошто се брза“.
Во медиумите повеќе пати е истакнато дека не е објавена потребната политичка процедура за враќање на задолжителното служење на воениот рок, кое е укинато во 2008 година. Од тогаш воениот рок се служи само доброволно, но за тоа, според официјалните податоци, има слаб интерес.