недела, 17 ноември 2024
Заврши уште една седница на Анкетната комисија

Сите знаеле за неправилностите на Клиниката за онкологија

Генерални директори на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), директор на секторот за контрола како и главен внатешен ревизор одговараа денеска на прашањата на пратениците, членови на собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија. Од сведочењето произлегува дека на клиниката се вршеле контроли, а сите сослушани принзаа дека во неколку наврати биле констатирани неправилности во работењето и тоа по различни основи. 

Објавено на

часот

Сподели

Магдалена Филиповска Грашковска, се осврна на времето од кога ја извршува функцијата, како вршителка на должност па, како што појасни, и како генерална директорка. 

Таа кажа дека во 2022 година фондот добил анонимна претставка дека на Клиниката за онкологија била препишана онколошка терапија за починат пациент. По извршената контрола било констатирано дека станувало збор за два пациенти со исто име, од кои едниот починал во 2014 година.

„Ординаричкиот доктор ја препишал терапијата на пациентот којшто дошол во клиниката, меѓутоа било евидентирано во досието на починатото лице. Во моментот кога нашите контролори беа во контрола на Клиниката за онкологија, наидоа на службена белешка од докторот којшто самиот ја увидел претходно грешката и ја исправил целата таа ситуација на начин што направил промена, издадената терапија да се издава на вистинското лице коешто треба да ја прима“, кажа Филиповска Грашкоска.

Таа не прецизираше дали двајцата пациенти што имале исто име имале и исто презиме. 

Целата документација, рече таа била доставена и до Јавното обвинителство и до Анкетната комисија и до Државниот завод за ревизија.

Таа уште сведочеше дека во 2023 година на Онкологија се направени три контроли, две се за фактурите за условен буџет во првото полугодие од годинава, една контрола е за целокупното работење на клиниката поврзано со биолошката терапија за првиот квартал, а во тек е контролата за вториот квартал по што набрзо ќе следи и за третиот квартал, кога ќе заврши кварталот сам по себе. Освен финансиските контроли биле извршени и, како што рече Филоповска Грашкоска, обемни, условно наречени „медицински“, контроли кои што ги вршат докторите вработени во ФЗОМ. 

Согласно Законот за здравствено осигурување, рече таа, Фондот не е инспекциска служба, нема надлежност да врши инспекциски надзор и следствено на тоа, нема надлежност ниту да изрекува мандатни казни. Таа ги прочита сите досегашни контроли од 2021 до 2023 година, но не одговори конретно дали Фондот поднел кривични пријави. 

„Во однос на прашањето дали сме доставиле кривична пријава, би сакала нешто да прочитам. Од контролата извршена оваа година, 2023, во Клиниката за радиотерапија и онкологија, кога е вршена контрола на условниот буџет за 2021 година, констатирани се, ќе прочитам неколку неправилности. Несоодветна евиденција на издадени лекови во таблетарна форма, неевидентирана количина и период на апликација на издадената терапија во специјалистичките извештаи и натаму се редат други“, рече таа.

Филиповска Грашкоска тврдеше дека немала притисоци од никого на каква било тема.

Фатон Ахмети, поранешен генерален директор на Фондот за здравствено осигурување рече дека Фондот е институција што ги дефинира буџетите на јавните здравствени установи.

– Процедурата за дефинирање буџети почнува на крајот на фискалната година. За видот на здравствени услуги и колку услуги ќе се даваат во следната година се разговара во рамки на средбите помеѓу директорите на Фондот за здравствено осигурување и соодветните институции. Целокупниот буџет што ние како Фонд го добиваме од Министерството за финансии, го распределуваме во јавните здравствени установи. Постапката и методологијата за распределба на парите во вкупниот и условениот буџет е иста. Фондот за здравство прави напори во рамки на ресурсите што ги има и врз основа на барањата на јавните здравствени установи, да се најде некаде во средина, да даде максимум за да се поддржат овие институции“, појасни тој, одговарајќи на пратеничко прашање.

Што се однесува до набавка на лекови, како што рече тој, тоа е одговорност на клиниката што ја врши набавката, за разлика од позитивната листа на лекови за која, за да се набави претходно треба да се има дозвола од Министерството за здравство и потоа од Фондот за здравствено осигурување.

Прашан како е можно според документацијата од Државниот завод за ревизија „никаде да нема документ на согласнот од Фондот, а тендерот да биде спроведен“, тој одговори дека клиниката согласностите за набавка на лекови ги добивала во рамки на одредени временски дистанци.

„Согласностите што Клиниката за радиотерапија и онкологија ги добила од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, се за набавка на лекови во рамки на одредени временски дистанци. Некогаш барале за набавка за четири месеци, неколку случаи за годишни и така натаму. Во овој случај, врз основа на извештајот на Државниот завод за ревизија, се знае дека оваа согласност не е дадена и тие набавки, тие лекови се купени без согласност од ФЗО“, одговори Ахмети.

Во периодот додека бил генерален директор на Фондот, имало неколку контроли во рамките на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

„Контрола беше направена во 2021 година после поплака од едно лице дека ја немало терапијата ‘фулвестрант’. Потоа, во 2022 година имавме контрола повторно, по претставка од едно лице, потоа имавме деталната контрола за условниот буџет за 2021 година, исто така и во рамките на оваа актуелна година, поради проблематиката се направени контроли по тримесечја, почнувајќи од првото, второто и третото тромесечје. Сѐ што ќе најдеме, се доставува до релевантните институции како Министерството за здравство, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија#, посочи тој.

И тој како и Филиповска Грашкоска тврдеше дека немал некаков притисок, ниту од веледрогерии ниту од некоја институција. 

Цвете Серафимоски, директор на сектор за контрола во ФЗОМ, пред членовите на Анкетната комисија рече оти смета дека е многу важно пресумпцијата на невиност да се почитува. Тој информираше дека и негови блиски се лекувале на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а сега се лекувал и таткото на неговата сопруга од карцином на простата.

На барање на секторот за контрола, како што рече одговарајќи на прашање, контрола била извршена заедно со секторот за фармација и со секторот за финансии, договорена со генералните директори кои исто така укажале потреба за контрола на Клиниката за онкологија, а биле констатирани низа неправилности.

„Немање евиденција на издадени, па вратени лекови во случај на промена на терапија или смрт на пациентот, рачно допишани дози на издадена терапија без евиденција на датум и количина на издадена терапија во специјалистички извештаи, двојно фактурирање на лек со пакет при подигање на терапија од роднина на лицето во име на лицето коешто ја прима терапијата“, ги броеше констатираните неправилности, Серафимоски. .

Тој рече дека верува оти лицето кое требало да ја прими терапијата ќе реагирало, ако таа завршела на друго место, затоа што кај тие пациенти се работи за терапија што живот значи.

„За мене е незамисливо некој да зема онколошка или биолошка терапија за третман на карцином и да ја препродава на друго место, а да глуми дека има карцином. Навистина ми е несфатливо, меѓутоа истражните органи треба да утврдат дали имало такво нешто“, додаде Серафимоски.

Вечерашната седница на собраниската Анкетна комисија за случајот со Клиниката за онкологија, заврши по испрашувањето на Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување и Маја Парнарџиева Змејкова, директорка од август 2009 до февруари 2015 година на Фондот за здравствено осигурување, со прекин поради породилно отсуство.

Претходно денеска, одговори на прашањата на пратениците даваше и поранешниот директор на ФЗОМ,  Орхан Рамадани. Прашан дали добил пријава за незаконско работење и злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија и дали Фондот вршел редовна контрола тој кажа дека додека бил директор биле извршени две контроли. 

„Во 2017 направена е контрола на условниот буџет во два наврати. Констатирано е дека не е доставена документација за аплицирана терапија бидејќи истата не била набавена. Во 2019 сме имале претставка за рефундација за лек кој не бил на позитивната листа. Во 2019 во редовна контрола констатирана е една погрешно кодирана процедура“, одговори Рамадани.

Одлука за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ