среда, 4 декември 2024

Денеска Владата и банкарите треба да се договорат за унгарскиот заем

Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитреска-Кочоска денеска ќе одржат средба со Македонската банкарска асоцијација на која треба да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем. Она што досега е договорено е дека каматната стапка останува 3,25 проценти, истата под која е земен заемот.

Објавено на

часот

Сподели

Според министерката за финансии, само една банка пројавила интерес дека може да учествува во субвенционирањето на каматата и во однос на условите за рокот на отплата, но, како што вели Димитриеска-Кочоска, интенцијата на Владата е да бидат вклучени сите банки за клиентите да можат да го земат кредитот преку банката со која работат.

„Зборуваме за каматна стапка од 3,25 проценти, односно тука нема да има промена. Тоа е таа каматна стапка по која е земен кредитот од унгарската Експорт-импорт банка. Имавме дискусија во однос на прашањето и за што не се согласија банките, а тоа е  да учествуваат на некој начин во субвенционирањето на каматите и да покажат општествена одговорност и да се сподели таа општесвена одговорност. Имено, ние не правиме нешто поразлично од претходно, бидејќи од 2011 година наваму се повлечени 650 милиони евра од различни кредитни линии средства за кои државата ја субвенционирала каматата“, рече Димитриеска-Кочоска.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е важно состанокот со банките да заврши успешно и конечно да почнат да се користат средствата од унгарскиот заем.

Тој очекува банките да покажат општествена одговорност како во ковид кризата и енергетската криза и сите заедно да работат на појака економија.

„Нашиот став е дека сите заедно треба да работиме исто како што се работеше во ковид кризата или во енергетката криза. Ако тие мислат дека не треба така да работат, тогаш во ред, нивна е одлуката, тие се приватни субјекти, како Влада не можеме да се мешаме. Наше беше да обезбедиме средства за бизнисот, тоа што можевме, како Влада го направивме. Очекувам сите заедно да работиме за појака економија“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ