недела, 7 јули 2024

Синоќа во Охрид започна 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри

Со трациционално дефиле на учесниците и целовечерен концерт на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ синоќа во Охрид беше отворено 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри и ора.

Објавено на

часот

Сподели

Фестивалот за отворен го прогласи Антонио Милошоски, потпретседателот на Собранието што е генерален покровител на манифестацијата.

„Секоја држава освен тоа што има класична дипломатија, влада, министерство за надворешни работи и други институции е многу добро кога има и културна дипломатија во своето функционирање, затоа што преку културната дипломатија како што е овој Балкански фестивал се создаваат уште поцврсти врски и на мнбогу подобар начин се претставуваат културното богатство и особеностите на една држава како што е Македонија, но и на сите држави коишто биле и ќе бидат дел од овој меѓународен фестивал на народни игри и песни“, рече Милошоски пред публиката во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Од има на градот Охрид учесниците на Балканскиот фестивал и посетителите ги поздрави Перчо Божиновски, претседателот на Советот на Општина Охрид.

„Во Охрид оваа вечер го славиме 63 издание на најстариот Меѓународен фолклорен фестивал – Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Овој настан е од огромно значење за одржувањето на фолклорните, обичајните, етнолошките, културните и над се пријателските врски со сите земји на Балканот чии што играорци ќе продефилираат овие денови низ охридската чаршија и низ древнината на нашиот град“, рече Божиновски.

Во рамки на манифестацијата денеска на програмата се настапите на „Севернашки ансамбл“ од Република Бугарија, КУД „Илинден“ од Битола со музичко-сценскиот проект „На Панигир“ – ора и песни од Јужномакедонска етнографска целина и Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, што ќе настапи со сплет на ора од Осоговијата.

На „Долни Сарај“ утре ќе настапат „Севернашки ансамбл“ од Бугарија, Фолклорното студио „Блажески“ од Скопје, Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид, КУД „Круг“ од Сиднеј и КУД „Бенџо“ од Мелбурн, Австралија.

Влезот за сите настани е слободен, а aлтернативна сцена на „Долни Сарај“ е големата сала во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолкорна манифестација, основана 1962 година. Првобитното име на фестивалот е „Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора“. Свеченото отворање се одржа на 20 јули 1962 година на Градскиот плоштад. Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.

Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на двете асоцијации во рамките на УНЕСКО – Интернационалниот совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност и Меѓународната организација за фолкорна уметност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ