недела, 7 јули 2024

Сиљановска Давкова: И да ги запишеме Бугарите во Уставот преговарачкиот процес нема да тргне

Ние сме биле отсекогаш географски, историски и културно дел од ЕУ, сме докажале дека сме кооперативни, дури и водиме европска надворешна и безбедносна политика. Ако некој мисли дека во моментот кога ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата, готово, ќе тргне процесот, мислам дека е тоа повторно илузија, рече вечерва претседателката Гордана Сиљаноска Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостувањето на „Само интервју“, Сиљановска Давкова напомена дека преговарачката рамка е правен факт, но може, оцени таа, на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство…

Прашана дали планира посета на Брисел за почеток на преговорите, претседателката рече дека „се видела со речиси сите луѓе кои се сега на функции таму и тоа ѝ дава надеж дека ќе има некаков континуитет во расположението за проширувањето“.

„Не можам да тврдам дали ќе ги убедам, но јас имам обврска како претседателка да ги бранам државните и национални интереси и да се обидам да ги убедам. Јас имам проблем со оние кои не се обиделе ништо да предочат од ова што го зборувам и сега повторно веруваат дека уште ова, уште да го смениме Уставот и проблемот ќе го решат“, изјави Сиљановска Давкова.

Прашана кога ќе се создадат услови да се репреговараат условите за членство во ЕУ, Сиљановска Давкова, рече дека преговарачката рамка е правен факт, но дека и во ЕУ се развила широка дебата за деблокирањето на проширувањето, и се појавиле „нон-пејпер“ документи и студии како да се ограничи употребата на ветото заради ова што се случува.

„Нема да запре ветото на нас, тоа бидете сигурни и тогаш целиот процес на проширување ќе биде загрозен, а нели недовршена симфонија е ЕУ без Западен Балкан и ние сме Ахилова пета. Зборот ми е, не случајно се сите овие расправии и предлози, само на почетокот да има вето или на крајот, или на почетокот и крајот, во меѓувреме да не може да се употреби ветото. Да ве потсетам на нашиот предлог, дека ние велевме дека и досега сме имале одложена примена на некои одредби, може и тоа да се договори. Може на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што е со Преспанскиот договор забрането, за историја, за култура, за наследство. Ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата на Уставот, готово ќе тргне процесот, тогаш мислам дека е тоа повторно една илузија. Ако ние сме поминале низ една тешка одисеја на промена на име, на неуспешен референдум, на пратеници кои на многу чуден начин гласаа. Сето тоа треба да се има предвид. Значи сите страни треба да бидат на потег. Може одложено дејство, да почнеме ние преговори, Бугарија да не става вето за да изградиме пријателски односи, ние ќе брзаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми, Бугарија ќе покажува добра волја, нема да не кочи и така ќе се сретнеме побрзо. Ем ќе стапат во сила измените, ем ние ќе бидеме пријатели“, изјави Сиљановска Давкова.

За тоа како европските избори, залетот на крајната десница во Франција може да го загрози процесот на проширување, Сиљановска Давкова посочи дека ЕУ ќе мора да се бори за демократијата, бидејќи крајната десница е евроскептична и нема разбирање за проширувањето.

„Сега вие внатре ги имате во ЕУ оние кои ја негираат дури и идејата за ЕУ, а ние сме посветени на Европа. Тоа е првото. Второ, излезноста малку порасна, ама апстиненцијата е крајно висока, тоа е јасно. Знаете колку малку граѓани излегуаат на гласање за Европскиот парламент. Тоа зборува дека треба да размислиме и за односите внатре, меѓу Европскиот парламент, Комисијата и Советот. Не само јас, низа луѓе кои се занимаваат со оваа материја сметаат дека за да има демократија треба ЕП да биде нешто како долен дом, а ЕК нешто како влада, а Советот да биде горен дом. Доколку клучниот збор како и досега за проширувањето и на почетокот и на крајот го има Советот, каде седат пратеседатели и премиери, тогаш тоа не е заедница заснована на темелни вредности и принципи. Треба да размислиме за проблематизирањето на ветото и барањето за негова сѐ поголема примена или да се демензионира примената на двотретинско мнозинство во процесот на проширувањето. Зборувам за еден одговорен однос на ЕУ. Мислам дека е време на еден исчекор и во поглед на проширувањето и тогаш ќе биде полесно“, изјави Сиљановска Давкова.

Таа најави дека наскоро својот Кабинет ќе го прошири со советник за внатрешна политика, како и дека ќе ги пополни трите места во Советот за безбедност со експерти за глобалните проблеми, за евроинтеграциите и за климатските промени.  Како што истакна вечерва, засега има само еден советник за надворешна политика, Жидас Даскаловски, иако може да ангажира уште четворица.

„Засега имам еден советник, за наворешна политика, тоа е Жидас Даскаловски, а пет може да се ангажираат според законот. Оние луѓе кои јас сакам да ги вклучам долго време бегаат од политиката. Велат дека во секое време ќе дадат совет, но без да се институционализира тоа. Но, ќе биде наскоро и за внатрешна политика, а ќе ги пополнам и трите места во Советот за безбедност. Мерам, сакам во Советот да има експерт за глобалните проблеми, за евроинтеграциите и за климатските промени“, нагласи претседателката Сиљаноска Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ