недела, 15 декември 2024
Премиерот на првиот академски час

Мицкоски: Студентите својата иднина да ја гледаат во Македонија

Свети Кирил и Методиј не е само име на нашиот универзитет, тоа е важен симбол на знаење, симбол на нашата култура и историја. Искористете го ова време за да изградите нешто значајно за себе, за вашето семејство, за вашата земја. Нашата цел е јасна, да создадеме образовен систем кој е во чекор со времето, кој ги задоволува потребите на општеството и пазарот на трудот, и кој ви дава можност да бидете глобално конкурентни – порача премиерот Христијан Мицкоски на првиот академски час на Универзитетот Св.Кирил и Методиј.

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот на академска година, 1 октомври, премиерот Мицкоски се обрати пред студентите, професорите, деканите на факултетите и ректорката на Универитетот “Свети Кирил и Методиј”. Потсетувајќи дека и самиот, како професор, потекнува од таа акдемска средина, Мицкоски нагласи дека „Универзитет отсекогаш бил центар на знаењето, развојот и иновациите во нашата држава“.

„Наша задача како држава е да ги создадеме условите во кои овие ‘корени’ нема да бидат толку горчливи. Од таа причина, посветени сме на повеќе конкретни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на високото образование.
Прво, планираме значително да го модернизираме инфраструктурниот капацитет на нашите универзитети. Веќе започнуваме со институционални ангажмани за натамошна реконструкција на лабораториите на некои факултети во дел од нашите Универзитети низ земјата, каде ќе се постават најсовремени опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија.
Второ, започнуваме со обликување на проект за дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување. Ова ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието.
Трето, ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студенти. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување во странски универзитети, со цел да се разменат искуства и да се применат најдобрите практики од светот во нашето образование. Ова ќе ни помогне да го подигнеме нивото на компетентност и иновација во нашите институции“, најави Мицкоски на првиот академски час.

Исто така, премиерот ја нагласи важноста за поддршка и мотивација на професорите да продолжат со својот научен развој. За таа цел, кажа дека Владата обезбедува зголемени средства за научно истражување и се залага за создавање на фондови за поддршка на научните проекти кои ќе го поттикнат развојот на нови технологии и иновации.


Премиерот Мицкоски на студентите им порача дека се иднината на државата, а секој од нив носи потенцијал да направи промена, да креира нешто ново, нешто големо.

“Свети Кирил и Методиј не е само име на нашиот универзитет, тоа е важен симбол на знаење, симбол на нашата култура и историја. Искористете го ова време за да изградите нешто значајно за себе, за вашето семејство, за вашата земја. Нашата цел е јасна, да создадеме образовен систем кој е во чекор со времето, кој ги задоволува потребите на општеството и пазарот на трудот, и кој ви дава можност да бидете глобално конкурентни. И тоа ќе го направиме заедно – со вашата посветеност и со нашата поддршка”, ја испрати Мицкоски пораката до академската заедница, ветувајќи дека како професори и политичари да ги инспирираат и поддржат студентите својата иднина да ја гледаат во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ