петок, 11 октомври 2024

Ник Стефанов од МПО: Решението на македонско-бугарскиот спор е – еден народ со два идентитети?!

Претседателот на Македонската патриотска организација (МПО), која повеќе од 100 години постои и дејствува во Северена Америка, Ник Стефанов, неодамна во интервју за македонскиот портал Рацин, ја изнесе својата идеја за надминување на спорните моменти во македонско – бугарските односи, кои почнуваат со оспорување на македонскиот национален идентитет. Според Стефанов, решението на оваа состојба во соседските односи меѓу Македонија и Бугарија, ескалирана во последните години со поречување на македонските евроинтеграциски процеси од страна на официјалната бугарска политика е соочување и прифаќање од двете страни на неговата теза дека се работи за – еден народ со два идентитета. Актуелниот претседател на МПО, апелира на помирување со прифаќање на „сите македонски идентитети“.

Објавено на

часот

Сподели

Инаку, од основањето на МПО во 1920-тите до крајот на Втората светска војна, МПО беше посветена на обединување на сите Македонци без разлика на нивната етничка припадност и промовирање на каузата за слободна и независна македонска татковина, Швајцарија на Балканот, каде што сите Македонци ќе имаат силна македонска национална свест или националност и каде што би се почитувале нивните различни етницитети. По Втората светска војна, меѓу македонската дијаспора во Северна Америка, МПО се препознава како организација, која ја поддржува бугарската позиција, а непризнавање на самостојниот и автохтон македонски национален идентитет.

„Наместо да гледаме едни на други како заколнати непријатели, време е да го промениме нашиот начин на мислење и меѓусебно да се восприемеме како припадници на еден народ, кој има несогласувања во однос на нашата историја или нашите корени, но сепак – еден народ. Мораме да разбереме дека имаме еднакво право да го носиме гордото македонско име, без разлика на тоа како се идентификуваме етнички, и мора да покажеме почит кон двата главни етницитети со кои се идентификуваат словенските Македонци. Сите мора да го прифатиме фактот дека ние сме еден народ со два идентитети. Мора да почнеме да сфаќаме дека нашите различни перспективи во голем дел се должат на поделбата на Македонија во 1913 година, трагичен чин што се случи вон наша контрола. Мора да разбереме дека никој не може да ни ги украде или уништи нашите специфични македонски идентитети – или македонството во целина. Долги години немаше слободна и независна Македонија, а сепак идејата за слободна македонска држава опстојуваше во срцата на нашиот народ. Никој не може да го украде она што е во нашите срца. Токму срцата на основачите на МПО и нашите предци беа тие што ја одржаа идејата за слободна и независна Македонија, Македонија која ќе биде уточиште за сите Македонци ширум светот и една ‘Швајцарија на Балканот’ каде ќе се почитуваат сите етницитети. МПО ја одржуваше оваа идеја жива со генерации, дури и кога другите изгубија надеж, и активно се залагаше за нејзино остварување во текот на целиот изминат век“, вели Ник Стефанов во интервјуто.

Стефанов вели дека МПО презела конкретните чекори во поглед на „македоноското помирување“ кога на минатогодишниот конгрес на МПО во 2023 година, бил променет нивниот организациски устав, во кој сега се појаснува официјално признавање и прифаќање на секој со македонска свест, вклучувајќи ги и оние кои се идентификуваат како етнички Македонци кои не биле вклучени во минатото.

„Оттогаш, се обративме до етничките Македонци во Северна Америка преку веб-емисии, преку директни разговори, декларации и конференциски повици промовирајќи ја нашата позиција дека секој со македонска свест е вистински Македонец и дека оваа заемност значи дека ние сме еден народ. Со ова пружање рака баравме да запре непријателството меѓу луѓето кои се асоцираат со етничкиот македонски идентитет и луѓето кои се асоцираат со бугарскиот македонски идентитет (македонски идентитет со бугарски корени)! Повратните реакции што ги добивме беа многу позитивни и целосно прифатливи. Сега е време формално да се обратиме до организациите како ОМД и Обединети Македонци со намера да се изготват заеднички изјави и официјални документи потпишани од МПО и другите две организации, со кои еднаш засекогаш ќе се изјасниме, дека сите луѓе со заедничка македонска свест заемно се признаваат како вистински Македонци“, наведува Стефанов.

Меѓу дртугото, Стефанов наведува дека МПО работи и на создавање алтернативна историска комисија, а надминување на застојот на Заедничата историска комисија меѓу Македонија и Бугарија, која постои како обврска од Договорот за добрососедство од 2017 година.

„Друга цел на нашата иницијатива за помирување е надминување на застојот во кој се најде Заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија и нејзиниот мандат да излезе со заедничка или споделена историја помеѓу двете нации што секој може да ја поддржи. Формирана пред неколку години, комисијата направи мал или никаков напредок поради поларизираните позиции на сите страни. МПО работи на план за создавање на алтернативна историска комисија (комисија во сенка), составена од граѓани со слични мислења од двете земји, професионалци во нивните соодветни полиња, кои се посветени да го надминат застојот и да дојдат до вистински компромис кој потоа ќе биде споделен преку социјалните медиуми и разните публикации низ Европа. Нашата публика во овој потфат е електоратот и во Северна Македонија и во Бугарија. Конечно, МПО се обрати до луѓето кои имаат врски со актуелните влади на Северна Македонија и Бугарија, пренесувајќи го нашиот став и давајќи им попозитивен поглед на она што го претставува МПО. Добивме сигнали од нашите контакти во Северна Македонија и Бугарија дека постои подготвеност да се поддржи нашиот попомирувачки приод и да се стави крај на демонизирачкиот наратив од минатото“,  вели Ник Стефанов

Кога станува збор за обврската за Македонија да го внесе бугарското малцинство во својот устав, а да ги започне преговорите за членство во ЕУ, Стефанов смета дека тоа не го загрозува македонскиот национален идентитет. Но исто така смета и дека „Бугарија треба да го смени наративот а етничките Македонци во нејзините граници“.

„Точно е дека не се согласувам со оние кои заплашуваат дека уставните измени за официјално признавање на бугарската заедница во Северна Македонија го загрозуваат македонскиот национален идентитет и постоењето на македонската држава. Според статистиката на Северна Македонија, бројот на Бугарите во независниот дел од нашата татковина е релативно мала група и навистина е малцинство. Бидејќи републиката е демократија која на своите малцинства им дава одредени уставни права, фер е истото да го направи и со Бугарите.

Во однос на Бугарија, мислам дека и Бугарската Република може да го промени наративот за етничките Македонци во нејзините граници со признавање на нивното право на слобода на здружување и официјално регистрирање на нивните здруженија, кое е потврдено во неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права“, вели претседателот на МПО, Ник Стефанов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ