„Следеше ‘дочек на нож’ на одреден дел од јавноста, кои со лажни обвиненија се обидуваа да ја сокријат омразата, но сум сe научил и на лошо и не ми беше тешко. По увидот во министерството, слободно можам да заклучам дека претходната власт кон државата се однесувала по системот ‘пољубац смрти’, што допреле осушиле, така што граѓаните со право очекуваат одговорност. Јас сум еден од најгласните заговорници да се санкционира, пред сè, адмистративниот криминал кој го затекнав.
Што се однесува до односот на јавноста, можам слободно да кажам дека најголемиот број на навреди, омаловажувања и монструозни квалификации ги доживеав во изминатите сто дена. Но, на платениците на поранешниот министер и хејтерите, во овој случај антисрпски, никогаш не сум обрнувал посебно внимание. Исто така, за она што е сработено доживеав и критики и пофалби, што на некој начин е и нормално, бидејќи граѓаните секогаш очекуваат повеќе. Дали ќе биде повеќе или не, не зависи само од мене, но секако ќе биде со полн ангажман.
Како заменик претседател на Владата го искористив своето влијание за отворена поддршка од Србија за некои од клучните проекти за понатамошен развој на Македонија, кои ќе бидат крунисани со потпишување на меѓудржавни договори веќе идната недела при посетата на српскиот премиер на Македонија.
Користам прилика посебно да се заблагодарам на шефот на мојот кабинет Јелена Таст, и на Александра Тимковска задолжена за односи со јавност, кои уште од првиот ден на влегување во mинистерството беа со мене и кои без каква било накнада два месеца по ред работеа со мене и дел од вработените во министерството и учествуваа во консолидација на затекнатата состојба.
Како дел од владиниот кабинет им се заблагодарувам на сите министри за отворената соработка и после сто дена работа можам да порачам дека ми е чест што сум дел од тимот на претседателот Христијан Мицкоски“, напиша Стоилковиќ на својот фејсбук-профил.