петок, 11 октомври 2024

ЕСМ: Иако почна со работа, Македонија нема да може да внесе гас од терминалот за течен природен гас во Александрополис

ЕСМ го поздравува почетокот со комерцијална работа на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александрополис, Грција, информираа денеска од компанијата. Сепак, велат оттаму, постои потреба да ја информираат јавноста околу фактичката состојба и како Македонија е вклучена во овој проект. Терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи денеска започна со комерцијална работа, преку кој низа земји од југоисточна и централна Европа, меѓу кои и Македонија ќе треба се снабдуваат со природен гас.

Објавено на

часот

Сподели

Од ЕСМ тврдат дека претходната Влада како покровител на потпишаните меморандуми за ЛНГ терминалот и за гасната електрана Александрополис, влегла без претходна стратегија и разработен бизнис план. Согласно достапната документација, од ЕСМ велат дека во проектот Александрополис, Владата „има закупено само капацитет од 1,8 терават часови (TWh) годишно, односно 4,95 гигават часови на ден (GWh) за период од 15 години.

„Имено, поранешното раководство на ЕСМ преку ЕСМ Продажба закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил – Жидилово, не била закупена за оваа година. Токму затоа, домашната компанија ќе забележи загуби од околу три милиони евра. Прво и основно, во земјава сè уште нема гасна инфраструктура. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил- Жидилово, Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 гигават час дневно, и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција-Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија“, велат од ЕСМ.

Дополнително, велат оттаму, според фактите и моменталниот статус на проектот и информациите со кои располага компанијата, Акционерско друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС кое е во државна сопственост, сè уште нема стекнато 10 отсто учество во сопственоста на ЛНГ терминалот Александрополис.

„Ниту пак ЕСМ има сопственост од 25 отсто во тамошната гасна централа, како што пренесуваат дел од медиумите“, велат од ЕСМ.

Терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи денеска започна со комерцијална работа, преку кој низа земји од југоисточна и централна Европа, меѓу кои и Македонија ќе треба се снабдуваат со природен гас.

На крајот на март 2021 година, Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани меморандуми за соработка на ЕСМ и Национални енергетски ресурси со компании од Грција.

Тогашната македонска Влада соопшти дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ