Во месеците пред Русија да ја нападне Украина, многу европски лидери ги закопаа главите во песок, одбивајќи да ја признаат претстојната закана од војна. Сега, кога конфликтот е во својата трета година, тие не се осмелуваат да прозборат за мир.
Кога папата Франциско на 9 март ја изнесе идејата дека преговорите би можеле да бидат неопходни, имајќи предвид дека Украина не успеа да ги истера руските сили од својата територија, тој покрена прашање што речиси никој во европските центри на моќ не сакаше да го дискутира. Тоа се случи и во акутно деликатен момент во конфликтот за Киев.
Проблемот на Украина веројатно никогаш не бил толку очаен. Минатогодишната многу очекувана контраофанзива не успеа да донесе решавачки пробив, а Русија сега освојува територии на бојното поле. Во меѓувреме, иднината на западната поддршка – особено од САД – ненадејно изгледа неизвесна.
Со оглед на тоа што поранешниот американски претседател Доналд Трамп е успешно упатен кон уште една кандидатура за Белата куќа подоцна оваа година, а на европските влади им снемува муниција, папата искажа прашање што веројатно ќе се повторува во месеците што следуваат: дали дојде моментот сериозно да се размислува за преговарање со Владимир Путин?
Поставувањето на тоа прашање – дури и приватно – предизвикува ужасени реакции од многу западни функционери што последниве недели зборувале за Политико за овој напис.
„Некои централноевропски земји се мошне емотивни кон идејата за мировна конференција“, објасни еден претставник на ЕУ. „Тие и понатаму се плашат дека ќе бидат следните што ќе му ги предадеме на Путин“.
За Украинците мировните преговори не се на агендата сѐ додека Путин останува на власт.
Висок европски функционер додаде дека Русија ниеден мировен договор со Украина нема да го третира како конечен. „(Путин) ја нападна Украина три пати во 10 години. Нема причина да се верува дека бидејќи им ги даваме Крим или Донбас или Херсон или што и да е, тој ќе се откаже од идејата да го заземе Киев“.
Без табуа
Војната, во која загинаа повеќе од 30.000 украински војници и 10.000 цивили, го промени и безбедносниот пејзаж на Европа. Шведска и Финска му се приклучија на НАТО по инвазијата на Русија во февруари 2022 година, а европските влади ја зајакнуваат својата одбрана со повеќе трошоци и поголема соработка меѓу земјите.
Но Украина и нејзините сојузници во Европа знаат дека нивните напори ќе бидат попусти без една важна работа: поддршката од Соединетите Држави. За разлика од Европа и Велика Британија, во Вашингтон темата на преговорите не е табу.
Иако американските власти инсистираат дека нема да се вклучат во никакви разговори без Украина, Трамп, кој има тесно водство пред сегашниот претседател Џо Бајден, рече дека ќе ја заврши војната за 24 часа. Унгарскиот премиер Виктор Орбан тврди дека Трамп веднаш ќе го прекине финансирањето на Украина доколку ја освои власта.
Републиканците во Конгресот одбија да потпишат нов пакет помош за Киев, при што според некои анкети, мнозинството поддржувачи на Трамп се против понатамошна помош за Украина.
Во Лондон, британската влада – традиционално најблискиот воен сојузник на Америка – одбива да прифати каков било муабет за преговори со Путин. Дури и со изгледите за враќање на Трамп во Вашингтон, претставниците на Велика Британија инсистираат дека нема да разговараат ни за потенцијални планови за мировни преговори.
Еден висок член на тимот на премиерот Риши Сунак вели дека мисијата за Британија и Европа оваа година е да ја удвојат поддршката за Украина и да им покажат на Трамп и на неговите републикански поддржувачи дека ова е војна што можат да ја добијат.
Во Германија и Франција, официјалните лица на сличен начин не сакаат да ја отворат вратата за преговори со Путин. Западноевропските дипломати се противат дури и да почнат да планираат за можноста за повлекување на поддршката од Америка – стравувајќи дека тоа ќе ја зголеми веројатноста тоа да се случи.
Еден европски дипломат рече дека и покрај буџетските ограничувања, „треба да ги удвоиме нашите напори“. Дипломатот рече дека тоа е „не политички сигнал само до Путин… туку и до американската дебата во Конгресот за поддршката на Украина. Го видовме отпорот на Трамп и на некои други водечки републиканци. Ова во моментов е најосновниот проблем што го имаме“.
Без американската поддршка, Европа нема да може да ѝ ги даде на Украина кешот или хардверот што ѝ се потребни, вели дипломатот. „Јас многу би внимавал да не испратам сигнал или да создадам впечаток дека Европа може да го стори тоа без САД. Тоа дефинитивно не е така, така што ни треба републиканците да ја преиспитаат својата позиција и да дозволат помошта за Украина да помине“.
Ни најмал сомнеж
Португалскиот премиер Антонио Коста рече дека ЕУ не може да си дозволи да покаже ни најмала слабост во својата поддршка за Киев. „Мирот е нашата заедничка цел“, изјави Коста во интервју за Политико. „Но само Украина може да одлучи кога треба да се одржи мировна конференција“.
Тој додаде: „Должност на Европската Унија е и да покаже дека останува целосно зад Украина и дека нема ни најмал сомнеж за нашата посветеност“.
Францускиот претседател Емануел Макрон во последните неколку недели го заостри својот став против Русија, повикувајќи ги сојузниците да не бидат „кукавици“ и предупредувајќи дека нема да ја исклучи можноста за испраќање копнени трупи да се борат против Русите ако треба.
Во Париз нема апетит за преговори, според Бенџамин Хадад од Макроновата партија Ренесанса. „Треба да ја вратиме предноста пред да влеземе во преговори“, вели тој. „Не гледам како Путин би седнал и би преговарал со добра волја. Во моментов, тој има добра низа настани, тој победува на теренот, доаѓа Трамп“.
Во јавноста Путин тврдеше дека е отворен за преговори за ставање крај на „трагедијата“ на војната. Тој мавташе со понуда за прекин на огнот на самитот на Г-20 во ноември и во јануари му рече на американскиот новинар Такер Карлсон дека е отворен за дијалог. Според Ројтерс, руски официјални лица приватно се обратиле до високи претставници на американската администрација за да посредуваат во разговорите за примирје, но биле одбиени.
Но, всушност, двете страни се неверојатно далеку една од друга. Киев бара враќање на целата територија што руските сили незаконски ја анектираа и нападнаа од 2014 година, заедно со финансиска надомест од Москва. Во меѓувреме, Кремљ не ни помислува на враќање на четирите украински региони врз кои презеде делумна контрола во 2022 година. Напротив, Москва бара од Украина да се разоружи, да ги заборави плановите за пристап во ЕУ и НАТО и да се врати во руската сфера на влијание.
Приватно, некои гласови во европските администрации ја препознаваат евентуалната потреба од преговори, вели Политико.
Првиот европски функционер, цитиран претходно, рече дека иако „идејата“ за мировни разговори е „забранета“ во земјите што се плашат дека би можеле да бидат следната цел на Путин, тие воинствени нации на крај може да бидат разочарани.
„Мора да бидеме реални“, рече официјалниот претставник. „Во одреден момент, ќе мора да почнеме да зборуваме за мир и потенцијално дури и за откажување од парче земја“.