„Фридрих Мерц сака да ѝ постави ултиматум на Русија, нуклеарна држава. Тој во Бундестагот отворено рече дека ако Владимир Путин не го направи она што го сака Германија, веќе следниот ден германски крстосувачки ракети ќе бидат лансирани длабоко во руската територија. Можам само да кажам – внимавајте! Не треба да играме „руски рулет“ со безбедноста на Германија“, изјави Шолц на изборниот митинг на неговата Социјалдемократска партија (СПД) во Берлин.
Тој повика на натамошна поддршка за Украина, а ја коментираше и новата руска ракета со среден дострел „Орешник“, посочувајќи дека нејзините карактеристики ги надминуваат сите други видови на оружје што се користат во украинскиот конфликт.
Сепак, Шолц одбива да му даде на Киев ракети кои можат да летаат до Москва.
„Иако многумина ме притискаат, нема да испорачувам крстосувачки ракети кои можат да стигнат до Москва. Ве уверувам дека нема да го сменам својот став“, изјави неодамна тој.
Новите парламентарни избори во Германија ќе се одржат на 23 февруари следната година, главен противник на Шолц е лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Мерц.
Мерц претходно изјави дека, доколку биде избран за канцелар, ќе ѝ даде ултиматум на Русија да ги запре нападите врз инфраструктурата на Украина во рок од 24 часа или, во спротивно, Берлин ќе ѝ испорача на Украина ракети Таурус.